Неспроведувањето на реформите во владеењето на правото економски ја кочат Македонија и ја држат на ниво на хобридна држава. Ова се дел од констатациите на експертите кои работат на Националната равојна стратегија за земјава за идните 20 години, според кои, владеењето на правото е алфа и омега за напредокот на земјава во сите области. Во тој контекст академик Владо Камбовски, пред собраниската Комисијата за европски прашања каде денеска се расправаше за Стратегијата, порача деке нема повеќе простор за одлагање.
„Од заробена држава 2015, малку се помрднавме накај хибриден режим. Се уште далеку и се уште во една пред државно-правна состојба. Ние живееме во пред државно-правна состојба, во која не владее правото, туку владеат поединци, политички елити, владеат партии и т.н.“, изјави Камбовски.
Камбовски притоа рече дека во Македонија ги има илјадници закони, но правото не владее.
„Треба да владеат само исправните закони. А исправни се само оние закони што се во служба на поединецот и на неговите слободи и права и на заедничките интереси на општеството“, рече Камбовски.
Работејќи на Стратегијата, во делот на владеењето на правото, борбата против корупцијата и доброто управување, експертите утврдиле четири стратешки цели и приоритети.
„Јасно е дека треба да работиме повеќе на департизација и деполитизација на државните институции. Мора да имаме еден нов општествен договор на вистинска и ефикасна поделба на власта, а не само тоа да стои како слово во нашиот Устав и во нашите закони“, рече Беса Арифи, универзитетска професорка.
За ефектот на владеењето на правото врз економскиот на развој на земјата говореше универзитетскиот професор, Александар Стојков, кој рече дека одамна е дојдено времето за темелни реформи во владеењето на правото.
„Ако со ова темпо на раст ни требаат 28 години за да го дуплираме Бруто домашниот производ, доколку ги спроведеме потребните реформи во владеењето на правото и во другите области, би постигнале просечна стапка на раст од 4,7% и за неполни 15 години би го дуплирале животниот стандард“, изјави Стојков.
Пораката пак од владата беше дека Националната развојна стратегија е задача за сите во општеството, но оти ваквите стратешки документи ќе имаат смисла само ако се направени така да ги решаваат клучните проблеми и ако се применливи во пракса.
„Не ни треба ниту еден документ, којшто е само список на убави желби или список на убави зборови“, Бојан Маричиќ, вицепремиер за европски прашања.
Развојната страегија инаку опфаќа шест стратешки области за кои досега се органзирани шест дебати со повеќе од 200 експерти од академската заедница, бинзис секторот, институциите, локалната самиуправа, граѓанскиот сектор, медиумите. Денешната дебата во Комисија за европски прашња, како што се наведува во објаснувањето за нејзиното свикување, било со цел вклучување на пратениците во процесот на креирање на Развојната стратегија.
Тамара Грнчароска