Обемна акција за евакуација и трка со времето. Денес започна враќањето на македонските државјани затекнати во жарот на војната во Израел.
Дел од нив туристи, а дел не, но сега сите со истата цел – да се спаси жива глава од загрозените подрачја.
Министерството за надворешни работи информира дека евакуирани се дваесет македонски државјани.
„Неколку граѓани, во рамките на нашите контакт точки се пријавиле дека се наоѓаат во деловите на земјата кои беа опфатени со насилните дејствија и се сметаат за небезбедни. Нашата амбасада во Тел Авив, како и контакт центарот во Скопје е во постојан контакт со нив и активно се работи за да се обезбеди нивен трансфер на безбедна локација, од каде би можеле да бидат упатени кон дома“ соопштуваат од Министерството за надворешни работи.
Деветмина од евакуираните се туристи од Велес. За нив, заедно со други државјани од соседни земји заврши голготата на туѓа територија.
Тие доцна синоќа ја напуштиле Тирана со комбе, откако претходно пристигнаа таму со помош на специјалниот лет на Владата на Албанија.
Денес истоштени и вознемирени, но вратени дома – раскажуваат.
„Ситуацијата нѐ затекна во Ерусалим, каде што бевме сместени во хотелот. Утрото станавме на појадок околу осум часот кога почнаа да свират сирените. После една минута се слушна експлозија на бомби. Ние излеговме надвор на тераса и видовме дека народот нормално си шета, си оди. Тоа беше нормално за нив. Потоа и вториот ден стануваше сѐ посериозно и моравме да побараме помош. Беше мирно во Ерусалим, но не знаевме како ќе биде следниот ден“ вели евакуиран патник од Израел.
Премиерот Ковачевски ја потврди информацијата и посочи дека досега е стапено во контакт со педесет наши државјани кои во моментов се наоѓаат во Израел и кои побарале помош од МНР за евакуација.
„Не би сакал да шпекулирам со бројки меѓутоа мислам дека сигурно бројката е поголема, со оглед на тоа дека таму имаме и студенти коишто студираат, градежни работници коишто работат“ вели премиерот Ковачевски.
Министерството за надворешни работи формираше Кризен штаб за полесно да се координираат активностите за евакуација.
Според досегашните проценки, 100 до 200 македонски државјани се пријавиле дека престојуваат во загрозените подрачја.
Петар Догов