Денеска бизнис заедницата на состанок ќе одлучува за владините одлуки и за своите следни чекори, односно дали ќе реагираат до Министерството за економија, кој е креатор на мерките со кои се замрзнаа цените на одредени производи, а и беа намалени увозните давачки со цел да се спречи енормен скок на цените поради извозот на домашното производство.
Тие и претходно реагираа дека владата не ги консултирала како и дека за истите дознале преку медиумите. Рекоа и дека мерките се носат пребрзо и не им се остава време да се прилагодат. Во однос на мерката ставање клуч на врата сметаат дека е преригорозна.
Од Државниот пазарен инспекторат вчера информираа дека клуч на врата добиле 10-на маркети, а за период од 20 дена откако се донесени мерките за цените, изречени се парични казни од над 100 илјади евра. Ги повикаа трговците да бидат општествено одговори, а оние кои ќе ги повторат грешките, ќе бидат затворени на подолго време.
Директорот на Државниот пазарен инспекторат денеска во изјава за Телма рече дека од инспекциските контроли нема да биде поштеден никој и дека следни на агендата на инспекторите ќе бидат малите дуќани.