Хорхе Мартин триумфираше на трката за Големата награда на Јапонија во Мото ГП што се одржа во тешки временски услови. Шпанецот вчера беше најдобар во квалификациите, победи на спринтот и сега е на само три бодови до лидерот во генералниот пласман Франческо Бањаја.
Денешната трка на патеката „Мотеги“ заврши под црвено знаме поради силниот дожд, па мотоциклистите иако не ги комплетираа сите кругови ги добија сите бодови. Хорхе Мартин беше лидер пред прекинот и ја доби победата, пред Франческо Бањаја и Марк Маркез.
Четвртото место му припадна на Марко Бецеки, потоа следуваат Алеиш Еспаргаро, Џек Милер, Аугусто Фернандез, Фабио ди Џанантонио и Раул Фернандез.
Во генералниот поредок Бањаја останува лидер со 319 бодови, но Мартин, кој вчера славеше на спринтот и денеска на главната трка има само три бодови помалку на второто место. Трет е Марко Бецеки со 265 бодови.
Следната трка е на 15 октомври за Големата награда на Индонезија.