Дел од стопанствениците сметаат дека владата одбра погрешен модел со гарантираните цени, бидејќи тоа ќе влијае врз производителите. Во вечерашната Топ тема оценија дека подобро ќе беше тоа да бидат мерки кон ранливите категории граѓани и поддршка на производителите.
Државата треба да биде регулатор на пазарот. Кога ќе биде регулатор, ќе нема потреба од вакви интервенции, вистински регулатор, категоричен беше Касам Зендели од Комората на северозападна македонија.
Инсистираат и на итно донесување на најавениот закон за нефер трговски пракси за чие отсуство сметаат дека им овозможува на трговците да го диктираат пазарот.
Со овој закон, ние мислиме дека државата ќе му помогне на домашното производство. Бидејќи марктетите не можат, како што нѐ условуваат нас, домашните производители, да ја условуваат кока-кола, орбит, или некој друг бренд без кој маркетот нема смисла да постои. Значи, тие нѐ условуваат нас, слабите, домашните производители, рече Зендели.
Потпретседателот на Сојузот на стопански комори, Горан Ѓорѓиевски смета дека со тоа ќе се ограничат маржите на големите трговски ланци.
Сега големите трговски ланци од позиција на моќ и големина управуваат, односно ги менаџираат ситните производители. Вие немате преговарачка позиција со него за да ги остварте своите права, своите позиции. И од таа висина, од тој моментум, немате каде да одите со својот производ, вие морате да го пласирате во некој трговски ланец. Веќе се сериозно окрупнети и многу се силни во нашата држава, оцени Ѓорѓиевски.
Вели дека како Сојуз на стопански комори не учествувале во подготвувањето на тој закон, кој според најавите веќе ќе влезе и во собраниска процедура, и сметаат дека тоа што визнис заедницата го нема видено овој предлог закон е недостаток.