Вести Македонија Топ вести

Штелуван повик за интернет игри на среќа или ставање ред во онлајн-коцкањето

Однапред договорено сценарио за однапред договорени компании. Ова е оценката на домашните приредувачи на игри на среќа по владината одлука да овозможи основање на три нови фирми за приредување на игри на среќа на интернет.

Државната лотарија на Македонија на 11 септември распиша јавен повик за избор на три приредувачи на игри на среќа на интернет. Во повикот се бара заинтересираните фирми да имаат најмалку тригодишно искуство во приредување интернет игри на среќа, осумгодишно искуство во развој, поддршка и маркетинг на интернет платформа за игри на среќа и содржини на игри во две држави во Европа од кои една на Балканот и да има 40 милиони евра приход само од интернет игри на среќа.

Во Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија велат дека повикот е напишан за странски компании, на штета на домашните. Прво државата не ни дозволуваше да приредуваме интернет игри на среќа, а сега како услов бара да сме имале искуство во тоа, велат во Асоцијацијата.

Зад сето ова стои однапред договорено сценарио и дека се работи за услови креирани за однапред договорени компании преку повик кој е незаконски, велат во АСОМ.

Државната лотарија вчера реагираше дека тие ќе имаат доминантна сопственост од 51 отсто во сите три нови компании за интернет игри на среќа.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска вели дека ова се прави заради одговорно и контролирано приредување игри на среќа од страна на државата. Граѓаните се обложуваат на интернет преку странски платформи. Сега парите ќе останат во земјава, вели тој.

Дали некој во државата сака да штити нечиј монопол? Бидејќи сега има еден приредувач. Дали е подобро да има еден или да има четири во коишто државата има 51 процент учество? Значи, прашањето до оние коишто коментираат е дали некој штити нечиј монопол, праша Ковачевски.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера обвини дека јавниот повик за странски партнери на Државната лотарија е штелуван за да го добијат фирми блиски до „бугарската мафија“.

Дали фирмата којашто партнерски ќе работи со владата во Македонија е онлајн коцкарницата 8888.бг од Бугарија? Дали оваа фирма не е позната како фирма на бугарското подземје, на групацијата на познатиот Васил Божков, т.н. Черепот, познат на законот во Бугарија, којшто живее во Дубаи, праша портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.

Ковачевски рече дека таква фирма со такво име досега не подигнала документација за да учествува во постапката за добивање лиценца.

Поранешниот функционер на ДУИ и основач на новоформираното Демократско движење Изет Меџити вчера обвини дека зад овие бизниси и одлуки стои ДУИ, односно Артан Груби.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Сенатот го усвои „големиот прекрасен закон“ на Трамп

Дејан Дејан

Топлотен бран ширум Европа – повеќе земји бележат рекордни температури за овој период од годината

Дејан Дејан

Изборниот законик пример за различни предизвици во реформската агенда

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе