Откако пазарните инспектори викендов ставија клуч на врата на неколку маркети, затоа што не ја почитувале владината одлука за поевтинувањето, денска од Стопанската комора се пожалија на ригорозна казнена политика од државата. За бизнисот надлежните не оставиле доволно простор и време да се подготват за одлуките. Имало многу артикли кај кои требало да се направи корекција, но не и време. Велат, дека затворањето на никого не му носи бенефит и се надеваат дека недостатоците ќе бидат отстранети.
Минсистерот Бектеши пак возврати, имале доволно време да се подготват за измените.
Бектеши објави и дел од имињата на големите ланци маркети кои поради непочитување на владината одлука, викендов беа затворени од пазарна.
Од пазарниот инспеткорат велат дека маркетите кај кој биле регистрирани пропости ќе бидат затворени пет дена. Направени биле 50 тина контроли, затворени пет трговски објекти. Тие не ја почитувале владината одлука да ги намалат цените на 25 производи за 10 отсто во однос на цените од први август.
Утре на владина седница ќе се одлучува и за намалувањето на цените и на пијалоците.
Во текот на летото цените на производите значително се зголемија. Граѓаните најповеќе се жалеа на поскапувањето на зеленчукот и овошјето. Властите одлучија да донесат мерки против поскапувањето, за кои од ССМ се изјаснија дека се задоцнети. За граѓаните пак поевтинувањето од 10 отсто е мало, во споредба со тоа колку цените претходно беа зголемени.
Ирена Чачкова