Жолтите ленти од пазарна инспекција денес стојат на дел од маркетите. Големите ланци покрај тоа добија етикета – непочитувачи на одлуките и другите законски прописи.
73 илјади евра е вкупната парична казна, покрај затворањето. Ова е епилогот од вчерашната акција на инспекторите.
До доцна вечерта тие беа на терен, а од ДПИ најавуваат – од понеделник уште пожестоко.
„Во текот на вчерашниот ден затворени се пет големи ланци на маркети и казнети вкупно седум. Прекршоците се по одлуките за мерката на Владата за намалување на прехранбените производи од 25 категории и над 1000 производи, каде што треба да стои точно видлива ознака гарантирана цена. Имаше случаи каде што не стои гарантирана цена, а е намален производот. А, имаше и случаи каде што стои гарантираната цена, не е намален производот. Или пак стои продукт и гарантирана цена, којшто не е опфатен во мерките на Владата, а истиот не е намален“ изјави Горан Трајковски, директор на Државниот пазарен инспекторат.
Затворањето може да трае најмногу еден месец, но директорот на Пазарна вели дека акцијата на инспекторите треба да служи повеќе како опомена и дека со тоа недостатоците ќе бидат отстранети.
„Затворањето е од три до триесет дена, но јас не би сакал да биде подолго од пет дена бидејќи маркетите имаат и свежи продукти. Ова нека биде опомена за тие да се средат и јас стојам позади тоа дека компромис нема да има“ е ставот на Трајковски.
Владата во вторникот ја донесе Одлуката за намалување на цените на прехранбени производи за најмалку 10% како и замрзнување на намалените цени. Гарантираната цена значи дека производот нема да поскапи до крајот на ноември.
Граѓаните претходно реагираа дека и покрај десетпроцентното намалување, цените и понатаму се превисоки за кревкиот домашен буџет.
Петар Догов