Ако не се постави новиот топловод на мостот Беласица, граѓаните ќе се соочат со високи цени за парното греење, предупреди првиот регулатор Бислимовски.
Цврсто стои на ставот дека одлука за нова цена на парното нема да се носи додека надлежните не ги постават новите цевки, за да може да се користи енергијата од ТЕ-ТО, која е поевтина од другiте топлани.
Додека не добиеме цврсто убедување дека ќе се постави, нема да има одлука. Доста беше заради нечии преписки тоа да оди на грбот на граѓаните, вели претседателот на РКЕ Марко Бислимовски.
Тој не сакаше да открие дали при носењето на новата одлука парното би поскапело. Но уверува дека нема да дозволи ценовен шок. Вели дека 30% од сметката за топлинска енергија е субвенционирана, и каква би била новата цена ќе зависи и од тоа дали повторно ќе има владина помош.
Треба да се знае дека при носење на оваа одлука, треба да се вратат и 6 милиони евра позајмица на Владата. Дали тоа ќе биде веднаш или ќе се договори да биде за период од две или три години ќе видиме, додава Бислимовски.
Според информации од Влада, субвенции за топлинска енергија ќе има и во новата грејна сезона. Колку пари ќе бидат потребни ќе зависи од новата цена на парното.
Додека не се донесе нова цена граѓаните ќе ја плаќаат старата. Новата цена на парното требаше да се донесе на крајот на јули, но поради проблеми, односно долгови меѓу компаниите и Владата, и оштетениот топловод се одлучи одлуката да биде одложена за да нема ценовен шок.
Ирена Чачкова