Делумно проодни тротоари и мостови. Почнати а не завршени, вака граѓаните реагираат на мостовите „Обединети нации“ и „Беласица“, за кои како што велат со месеци им претставуваат проблем во движењето и нормалното функционирање. Од пред еден месец „Обединети нации“ беше раскопан и полн со дупки, граѓаните очекуваа и бараа побрза санација, а надлежните уверуваа дека се работи интезивно и дека во најбрз можен рок е предвидено мостот да биде саниран. Со оптимистички уверувања и денеска.
„Беше отстранет оштетениот асфалт, потоа бетонските плочи. Па се вршеше изработка на нови бетонски плочи кои сега моментално се местат на тротоарот на мостот и периодов ќе се поставуваат. Попоставувањето на плочите се остава период одприлика најмалку 14 дена да стегне бетонот за да не настане повторна штета и потоа се пристапува кон асфалтирање“, велат од ЈП Улици и патишта.
Делумно затворен е и мостот„ Беласица“. Градот Скопје го пушти во употреба сообраќајот со по една коловозна лента но само за автомобили. Првиот регулатор Бислимовски пред неколку недели ги повика градските власти да го санираат побрзо мостот за да може да се постават новите цевки за парно, а граѓаните да се спасат од повисоки сметки, бидејќи како што кажа на овој мост поминува главната топловодна мрежа за Скопје. Од градот и денеска уверуваат на побрза санација на „Беласица“.
„За целосно пуштање во употреба на мостот „Беласица“ потребна е санација која започнува наскоро по финализирањето на проектната документација и опфаќа низа инфраструктурни активности согласно препораките од извршената експертиза“, велат од Градот Скопје.
Останува неизвесно дали надлежните ќе успеат да го санираат проблемот со „Беласица“ пред почетокот на грејната сезона за граѓаните да не плаќаат поскапо парно. Мостот „Беласица“ беше опожарен на почетокот на мај и од тогаш е затворен за сообраќај.
Симона Петровска