Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) нема да носи одлука за цената на парното во Скопје, сè додека не бидеме сигурни дека ТЕ-ТО ќе работи и ќе биде ставено на мрежа, вели претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски.
Според него, ако ТЕ-ТО оваа година не биде функционално на мрежата „ќе се случи ценовна катастрофа, а тоа не ни е на крај на памет да го дозволиме“.
„Додека не се знае дека ќе можеме да ги искористиме придобивките од ТЕ-ТО нема да имаме одлука“, вели Бислимовски во разговор за МИА.
Топлинската енергија од ТЕ-ТО, како што рече, е многу битна, бидејќи во 2022 година таа беше три пати поевтина од цената што ја имаа топланите во Градот Скопје.
Посочи дека е вообичаено Град Скопје да каже дека е сè во ред со мостот „Беласица“ и да им даде дозвола на ЕСМ Дистрибуција да ги постави новите цевки на топловодот под мостот.
„Ова е пресериозна работа за да се чека да се изврши“, порача Бислимовски.