Регистерот на политички субјекти во Собранието наскоро ќе ја запише осмата партија на Албанците. Независниот пратеник Скендер Реџепи Зејд реши самостојното чекорење во политиката да го издигне во партиско движење.
Дел од аналитичарите сметаат дека оваа „ескплозија од политички партии“ идеолошки не носи ништо ново и се должи на лични интереси.
-Оваа фрагментација на политичкиот спектар кај Албанците претежно е предводен од лични и кариеристички идеали од самите луѓе кои се на чело на тие партии. Тоа е поттикнато не само од незадоволство во нивните матични партии кадешто биле ставени на маргините на одлучувањето или имаат некои други интереси, изјави Сефер Селими од Демокраси лаб.
Селими смета дека на следните избори оние партии што нема да се доближат до двата сериозни политички блока, нема да преживеат. Потенцијал гледа само во Демократското движење на Изет Меџити. Вели дека слична ситуација имало и во македонскиот блок.
-Има „трафика партии “ кои служат за пазарење во пошироките коалиции. Тие се обидуваат да профитираат што повеќе при евентуален пристап до Влада. Гледаме дека со еден пратеник, во минатото па и сега, политички партии може да добијат и министерство, рече Селими.
Реџепи во интервју за ТВ21 најави дека ќе почне „ново политичко патување“ бидејќи не се гледа себе си во ниту еден политички субјект. Очекува соработка од поранешните сопартијци во Алтернатива, која ја напушти минатата година и стана независен пратеник.
Овој месец, ова е трета нова партија на Албанците. Пред 20-тина дена, Аријанит Хоџа замина од БЕСА и ја формираше Европската демократска партија. „Огнениот“ Изет Меџити, по нереализираните барања за реформа на ДУИ, го формираше Демократското движење. Веќе почна со заедничко политичко дејствување со БЕСА на Билал Касами и Алтернатива на Африм Гаши. Имаат амбиција да бидат силен опозициски фронт наспроти владеачките ДУИ, Алијанса и ДПА.
Соња Николовска