Наставниците по англиски јазик и годинава соочени со стари проблеми. Повеќе од десетина години нема нови одобрени учебници по овој јазик за основните училишта. Се користат стари учебници кои не се совпаѓаат со новата наставна програма. Наставничка од основно училиште за Телма вели тие учебници сега не можат да се употребуваат, часовите зависат од бујната имагинација на наставниците.
-Можам да кажам дека наставниците се магионичари во овој случај. Се случува одреден наставник првото нешто што ќе го најде на интернет да го искористи за време на часот што не е она што не потребно за учениците. Се дава печатен материјал на учениците кој често го губат , а потоа немаат како да повторат што сме учеле претходно, вели Билјана Темелкова, наставничка во ООУ ,, Ѓорѓи Сугарев” во Битола.
Несоодветните учебници по англиски јазик се само еден во низата проблеми со кои се соочуваат наставниот кадар и учениците. Освен тоа што дел од учебниците ги нема се поставува и прашањето колку од тие што сега ги има се соодветни. Додека проблемите во образовниот процес се тлеат од МОН велат работиме напорно за учебната година да започне со учебници.
-Сите одобрени учебници се испечатени и интезивирана е испораката до училиштата. Целосно завршена е испораката во југоисточниот регион, а во моментов учебници се распределуваат во училиштата во главниот град и во општините во северниот и западниот дел на државата. Процесот на испорака на сите одобрени учебници, вклучително и на најновите за трето одделение кои ќе се дистрибуираат утре, ќе биде целосно завршен на 1 септември. Оние пак кои се во постапка, а тоа се учебниците за шесто одделение, ќе се испорачаат во текот на месец септември, велат од Министерство за образование и наука.
За три дена стартува новата учебна година која ќе започне со старите проблеми. Учениците од трето и шесто одделение нема да имаат дел од учебниците. Ќе учат од помошни материјали кои ќе бидат достапни само во електронска форма и или училиштата или секој индивидуално ќе треба да одлучи за нивно печатење.
Тамара Марковска