Подготвена е информација за поведената постапка во Меѓународниот суд во Вашингтон и во меѓувреме доставена до Министерствата за финансии, економија, правда, транспорт, државен правобранител и до Општина Центар, соопштија од владата.
По разгледување и усвојување од страна на Владата ќе биде свикан состанок на координативното тело за арбитражни постапки со цел дефинирање на следни активности и чекори, со цел заштита на интересите на државата пред Меѓународниот центар за решавање на инвестициски спорови. Во овој момент тужителот само има наведено површни наводи и аргументи без докази и документација во поткрепа на така изнесените наводи, стои во одговорот на владата во кој се потенцира и дека постапката е покрената неколку години по како што велат, наводно сторената повреда на договорот.
Албанската компанија Амадеус груп бара 110 милиони долари отштета од Македонија за неизградените Шпански скали на скопскиот плоштад.
Контроверзниот проект веќе е поништен, а за зделката е обвинет екс министерот Миле Јанкиески и десетина вработени во државната администрација.
Во продолжение целото соопштение на Владата:
Од страна на Групација Амадеус и Амадеус Девелопмент ДООЕЛ, на ден 18 август 2023 година е регистрирана арбитражна постапка против Република Северна Македонија (тужена страна) според Правилата и Конвенцијата на Меѓународниот центар за решавање на Инвестициски спорови (ICSID).
Тужителот ова барање за поведување на арбитражна постапка го доставува во согласност со член 7 од Билатералниот договор за поттикнување и заемна заштита на инвестициите меѓу Владата на Република Албанија и Владата на Република Северна Македонија („BIT“) кој стапи на сила 3 април 1998 година. (Законот за ратификација е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 15 од 27.3.1998 година).
Амадеус бара од Трибуналот да му досуди надомест за прекршувањето на Билатералниот договор за поттикнување и заемна заштита на инвестициите меѓу Владата на Република Албанија и Владата на Република Северна Македонија („BIT“) од страна на Република Северна Македонија. Прелиминарните барања на тужителот се да се наложи Република Северна Македонија да плати отштета на Амадеус за претрпена загуба во износ што моментално се проценува на не помалку од 110 милиони американски долари.
Како што се наведува во известувањето за поведување на арбитражна постапка, Амадеус Девелопмент првенствено била одговорна за изградба на комерцијална зграда, вклучително и хотел во градот Скопје. Дозволата, исто така, барала изградба на скалила, кои беа познати како „Шпански скали“ (На јавноста и е познато дека проектот „Шпански скали“ е веќе предмет на кривично гонење).
Тужителот тврди дека Општината Центар наводно му забранил на Амадеус да започне со градба. И покрај фактот што општината го издала првичното одобрение за градба во јули 2015 година, другите нејзини одлуки наводно го попречувале развојот на секој нареден чекор. Од 23 мај 2015 година до 30 септември 2015 година, општината наводно ставила мораториум на градба. Набргу потоа, втората одлука наводно конкретно ја забранила изградбата на хотелот и деловната зграда на Амадеус, почнувајќи од 31 декември 2015 година.
Тужителот тврди дека наводно поништувањето на Урбанистичкиот план за 2012 година резултирало со стапување во сила на Детален урбанистички план за централното градско подрачје на Град Скопје кој наводно не го вклучувал градежниот проект на Амадеус.
Од страна на кабинетот за ЗПВРСМ за економски прашања, како координатор на телото за следење на арбитражни постапки, е подготвена информација за поведената арбитражна постапка која ќе се разгледува на седница на Влада и која во меѓувреме е доставена на мислење до релевантните институции: Министерство за финансии, министерство за економија, министерство за правда, државен правобранител на Република Северна Македонија и Општина Центар и министерство за транспорт.
По разгледување и усвојување од страна на Владата ќе биде свикан состанок на координативното тело за арбитражни постапки со цел дефинирање на следни активности и чекори, со цел заштита на интересите на државата пред Меѓународниот центар за решавање на инвестициски спорови.
Во овој момент тужителот само има наведено површни наводи и аргументи без докази и документација во поткрепа на така изнесените наводи.
Постапката е покрената неколку години по наводно сторената повреда на договорот.
Шпански скали во центарот на Скопје за „само“ 110 милиони долари