Се засилува дипломатскиот притисок за уставни измени. Предвидливо е дека ова ќе биде главната тема на средбите што точно една недела по одржаната неизгласана точка во Собранието за менување на Уставот, ќе ги имаат политичките лидери во земјава со заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар. За време на дводневната посета, планира да се види со Пендаровски и Ковачевски, но и со Мицкоски, потврдува кабинетот на претседателот.
Мицкоски од Велес порача дека секој што сака да ги слушне аргументите на ВМРО-ДПМНЕ е добредојден, но не е подготвен да трпи тортура и притисок.
„Секој кој сака да ги слушне аргументите на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, на народот во Македонија, е добредојден. Тоа што сега се обидува власта посетата на Ескобар да ја претстави како посета на, условно кажано, дипломатски булдожер кој е повикан на помош од Владата да врши тортура и притисок, тоа е веќе слабост на овие криминалци од Владата. Тортура и притисок во 21 век никој не врши, а и да вршат, тогаш одбрале погрешни соговорници“, изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Вчера при престојот во Кичево, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ објави дека партијата е соочена со „историски епохален предизвик“ и побара обединување за победа на следните избори. Тој рече дека „Европа и светот прават стратегија како да го скршат ВМРО-ДПМНЕ и овие 44-ца пратеници да изгласаат предавнички уставни измени, скроени по бугарски диктат“.
Според СДСМ, ваквите изрази укажуваат на личните фрустрации на Мицкоски и на неговиот капацитет да создава непријатели.
„Стравот, а слободно би рекла и паранојата што ја искажува Мицкоски во однос на некакви светски заговори јасно покажува дека странува збор за еден антиевропски политичар. Тој по ништо не се разликува од неговиот претходник Груевски. Сосема е свесен дека реториката што ја искажува изминатите денови, а тоа значи реторика против ЕУ и против НАТО, ќе ја остави Македонија уште најмалку 11 години во изолација“, одговори Даниела Николова од СДСМ.
Пораките што ги носи високиот американски функционер може да се насетат, ако се има предвид вчерашната изјава на амбасадорката Анџела Агелер, полна со охрабрување и на политичарите и на граѓаните да стават до знаење дека се за ЕУ. Минатиот месец, пред поткомитетот за надворешна политика на Конгресот, Ескобар изјави дека американската администрација ги поддржува уставните измени како тежок но неопходен чекор за европска интеграција на Македонија и дека се разговара со властите во Софија да не истакнуваат нови барања.
Соња Николовска