Вести Македонија Топ вести

Комбе, но и чајници, кандило, темјан и теписи за верските заедници – кој што ќе добие од одземениот имот

Државата доделува имот на верски заедници, а надлежните тврдат – нема ништо незаконско. Кој побарал тој може да добие, велат од Агенцијата за управување со одземен имот.

Џамија од Арачиново побарала комбе и започната е процедура за да им се додели товарното возило.

Арачиново не е заборавена општина и ќе се помага и во иднина, вели директорот на Агенцијата во објава на социјалните мрежи.

Во изјава за Телма, Небиу спомена дека процедурите се отпочнати, но сега следуваат неколку филтри.

„Агенцијата нема направено никаков законски прекршок. Покрената е иницијативата, но возилото сѐ уште не е доделено. Тоа што ние го дадовме како предлог треба да помине најпрво на Управен одбор. Потоа ќе чекаме согласност и од Владата на Република Северна Македонија. Постапуваме согласно законските надлежности на Агенцијата. Џамиите и црквите се институции од општествен карактер чија намера е да шират мир и спокој во општеството“ во изјава за Телма вели Дритон Небиу, директор на Агенцијата за управување со одземен имот.

Телма побара став од Комисијата за односи со верските заедници. Оттаму бараат дообјаснување од страна на директорот на Агенцијата за управување со одземен имот.

Постои таква пракса, приватни и правни лица да донираат на регистрираните верски субјекти. Но, да се утврдат деталите за овој случај, повикува директорот на Комисијата.

„Облигаторно е согласно Член 10 од Законот за донации и спонзорства, предметот на донацијата да биде во согласност со дејноста на примателот на донацијата. Најдобро е веднаш јавно да се произнесе давателот на донацијата, по што ќе можат да се произнесат и други надлежни органи“ е ставот на м-р Даријан Сотировски, директор на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи.

Предметот комбе за џамијата во Арачиново го објави директорот на Агенцијата за управување со одземен имот пред три дена.

Денес, Небиу објави дека сличен предмет е отпочнат и за доделување државен имот на Бигорскиот манастир. Во овој случај, станува збор за темјан, кандило, чајник, црковен мебел, лустер и теписи.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Европратениците утре ќе гласаат за извештајот за Македонија

Дејан Дејан

Ангелов: Имаме доброволци, имаме професионалци од ТППЕ, цврсто сум решен да направам и специјалци пожарникари

Дејан Дејан

Ангелов: Зад сите пожари, би рекол, стои човечки фактор, лани имавме неколку пожари од грмотевици и од допир на жици

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе