Шефот на воената платеничка руска воена единица „Вагнер“, Евгениј Пригожин соопшти дека неговите трупи почнале да се повлекуваат од Бахмут, град во источна Украина, во кој се одвиваа најкрвавите битки од почетокот на руската агресија во минатата година.
Жестоките битки меѓу „Вагнер“ и украинската армија за овој помалку важен стратешки град, траеја повеќе од девет месеци, а во саботата Пригожин тврдеше дека неговите сили ја презеле целосната контрола над ова населено место.
Ова не е негова прва таква изјава. Тој и во неколку наврати претходно најавуваше дека ќе ги повлече своите сили, жалејќи се на поддршката на Москва, но и отворениот конфликт со руските генерали.
Пригожин информира и дека над 10.000 од неговите регрути, претежно затвореници, загинале во неколкумесечните битки, откако „Вагнер“ почна да војува во Украина. Нив им беше ветувано дека ќе бидат амнестирани доколку преживеат шест месеци на бојните полиња, но се верува дека осудениците биле користени како топовско месо, што пак го претставува и најголемиот дел од загубите на платеничката „Вагнер“.
На почетокот на мај, Белата куќа објави дека повеќе од 20.000 руски војници биле убиени, а уште 80.000 биле ранети во петмесечните борби во Источна Украина, особено во Бахмут.