Американскиот технолошки гигант „Мета“ доби рекордна казна од 1,2 милијарди евра поради непочитување на правилата за приватност на Европската Унија (ЕУ) и ѝ нареди на компанијата да престане со префрлување на личните податоци на корисниците од Европа во САД.
Казната беше изречена од ирската комисија за заштита на приватноста, затоа што седиштето на компанијата која ги поседува Фејсбук, Инстаграм и Ватсап во Европа се наоѓа во Даблин, и е повисока од казната на Амазон од 746 милиони евра изречена во 2021 година.
Европскиот суд на правдата во 2020 година го укина договорот ЕУ-САД за проток на податоци познат како „Штит за приватност“, поради стравувањата од практиките за следење на американските разузнувачки служби. Оттогаш ЕУ и САД работат на нов договор и очекуваат тој да биде готов, одобрен и имплементиран до средината на летото.