Хрватска повторно го преживува сценариото со поплавите од 2014 година. Делови од земјата се под вода, а зад бројните припадници на спасувачките екипи, армијата и локалното население е бесна ноќ. Дождот не престанува да врне, водостојот на, речиси, сите реки и во пораст.
Ситуацијата беше најкритична на подрачјето на Карловац и во Хрватска Костајница каде на сила е вонредна состојба, а реката Уна е, речиси, четири метри над нормалното ниво.
Ситуацијата во Босна и Херцеговина се подобрува во однос на ден претходно. Фокусот останува на Приједор, Нови Град, Костајница и Козарска Дубица, а во Бихаќ е прогласена природна несреќа. Состојбата се стабилизира и во Република Српска. Во опаѓање се водостоите на реката Врбас во Бања Лука, стагнираат Босна и Дрина, додека водостојот на Сана е понизок за околу 50 сантиметри во однос на вчерашниот ден околу Приједор. Проблем сè уште е Сава чие ниво е во пораст на, речиси, сите водомерни станици.
По сончевиот ден и летните температури, застрашувачки сцени доаѓаат од Нови Сад и Западна Србија каде наврнаа огромни колични на дожд. Возила пловат низ улици, вода како влегува во автобуси, луѓе на покриви на автомобили во обид да се спасат од надојдениот бран. Мобилизирани се сите расположливи служби, се работи на отстранување на настанатите штети, а градоначалникот Милан Ѓуриќ најави дека ќе биде испорачана сета поддршка и помош на спасувачките екипи и изрази уверување дека ситуацијата со поплави наскоро ќе се стабилизира и градот ќе продолжи со нормално функционирање.
Сашко Димовски