Хрватска води жестока борба со поплавите. Властите, согласно прогнозите, најавија голем воден бран од Словенија, а пикот се очекува во текот на денешниот ден. Водостоите на реките драстично пораснаа по обилните врнежи од 250 литри на метар квадратен за само 24 часа. За справување со водената стихија, покрај локалното население, се ангажирани и 300 припадници на армијата.
Дел од нив се излеаја од своите корита. Ситуацијата е најкритична во Хрватска Костајница, каде е прогласена вонредна состојба, додека нивото на Уна расте од час во час. Состојбата е тешка и во Грачац. Борба со поплави се води и на подрачјето на Карловац, каде ноќеска се очекува максимално ниво на реката Купа.
Според хрватскиот министерот за одбрана, во моментот се формира шеста одбранбена линија од поплава во Костајница во последните девет месеци. Како дел од причините за тоа го наведува и разорниот земјотрес кој оштети 19 насипи во земјата
Хрватскиот министер за внатрешни работи при посетата на Обровац рече дека климатските промени веќе се чувствуваат во земјата, која се соочува со поплави што се невообичаени за овој период од годината.
Вонредна состојба е прогласена и во општините Нови Град и Костајница, во северозападниот дел на Босна и Херцеговина. Критично е Унско-санскиот кантон, а најтешко е во Бихаќ. Поплавени се десетици објекти во Приедор, како последица на излевање на реката Сана. Во тој дел на БиХ е во прекин и сообраќајот на поедини локални патишта.
Драматична е состојбата и во Италија. Досега се евакуирани 5.000 луѓе, а поплавите однесоа и три човечки животи. Властите апелираат до жителите на погодените подрачја за времена преселба на повисоки места поради стравување од нови дождови и ново излевање на реките. Премиерката Џорџа Мелони порача дека владата ја следи ситуацијата и ќе интервенира со потребната помош.
Сашко Димовски