Вести Свет

Ердоган води, но не победи- опозиционерот Киличдароглу го победи во Истанбул и го предизвика за втор круг

На третите директни претседателски избори, по третпат е кандидат и актуелниот Реџеп Таип Ердоган. Во 2014-та и во 2018-та (по измената на уставниот систем и преодот на Турција од парламентарен во претседателски), Ердоган победуваше во првиот круг.

Но, резултатите кои ги објавува државната новинска „Анадолија агенција“ покажуваат дека во 2023-та тоа нема да се случи, а противкандидатот Киличдароглу успеа да му ги помати желбите на актуелниот турски претседател кој е на чело на Турција (комбинирано и како премиер и како претседател) веќе две децении.

После 95,09% пребројани гласачки кутии, Ердоган има освоено над 25.830.000 гласачи или 49,52% од вкупниот број на излезени. Тоа е недоволно за победа во првиот круг, а тенденцијата покажува дека неговиот процент се намалува. Станува збор за резултати кои ги објавува државната агенција Анадолија која почна да ги објавува резултатите покажувајќи огромна 15-процентна предност на Ердоган и предвидување дека ако така се задржи, Ердоган по третпат ќе победи на претседателски избори.

Но, противкандидатот поддржан од широк и разновиден опозициски блок, Кемал Киличдароглу му е веднаш зад петици. Освои над 23.347.000 гласови или 44,76% и со секое ново „освежување“ на таблата со изборни резултати ја намалува разликата. Киличдароглу победува во Измир, главниот град Анкара, но и има сигурно водство во Истанбул, родниот град на Ердоган каде тој за првпат се соочува со изборен пораз. Разликата во најголемиот турски град е околу 100 илјади гласови.

Тенденцијата покажува дека разликата меѓу Ердоган и Киличдароглу се намалува бидејќи на ред се гласачките кутии со најголем број на гласови, но и од градовите каде предноста е на страна на опозицијата. За пребројување има помалку од 5 проценти гласачки кутии, а Ердоган сега се бори да стигне до бројката од 26.330.000 гласови колку што имаше пред 5 години и што е апсолутен рекорд на доегашните турски избори.

Од опозицијата пак остануваат на ставот дека нивниот кандидат води по првиот круг и постојано ги повикуваат своите набљудувачи да останат на избирачките места, да ги чуваат кутиите и резулатите од набљудувачите на Ердоган кои ги оспоруваат нивните победнички листи на места каде не се задоволни.

-Нема да спиеме вечерва. Нашиот ривал ја блокира волјата на Турција. На некои места ги оспорува резултатите по 6 пати, по 11 пати, на резултати од исти кутии, предупреди Киличдароглу, а пренесува Ал Џазира.

Најнеизвесните избори ги испразнија улиците на Истанбул бидејќи граѓаните се залепени за телевизија и ги следат резултатите. Сепак партиските активисти на двете страни се пред штабовите и слават. Ердоган пред својот дом во Истанбул се појави и се поздрави со приврзаниците, но не сподели став за резултатите.

Негов соработник од претседателскиот кабинет за CNN изјави дека резултатите покажуваат цврсто 5-процентно водство и победа на парламентарните избори за партијата на Ердоган, АКП (парламентарните избори се оддржуваат денеска заедно со претседателските) и ги обвини опозиционерите дека не ја прифаќаат волјата на гласачите и шират приказни за наводно руско влијание на изборите. Советникот на Ердоган рече дека турскиот изборен систем е стабилен и демократски.

Пред изборите се случија и големите земјотреси на југот на Турција, а резултатите во тие 11 области засега се повтроно во корист на Ердоган и покрај сомнежите за корупција при градење на згради кои колабираа и буквално се претворија во пепел при земјотресите. Природната катастрофа однесе над 50 илјади животи, но Ердоган засега води во 9 провинции од погодените области.

Клучен за вториот круг може да биде третопласираниот кандидат на крајната десница Сина Оган кој изненади со добриот скор и освоени над 2,7 милиони гласови односно 5,3%. Мухарем Инце се откажа од трката, но сепак освои околу 230 илјади гласови затоа што неговото име остана на избирачкото ливче.

Турција ја чека новата реалност, Ердоган не победи во прв круг и за првпат целата држава ќе мора да се соочи со изборни активности на долгогодишниот владетел и неговиот ривал во таков изборен циклус. Се очекува и продолжение на црната кампања на која досега големи жртви беа кандидатите на опозицијата, за кои беа правени фотомонтажи и дипфејк видеа за да бидат дискредитирани во изборната битка со дводецнискиот владетел.

Најзначајни избори во современата историја на Турција – ќе успее ли Кличдароглу да го собори од власт Ердоган?

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Тензично во делови од Лос Анџелес – Трамп се закани дека ќе ги испрати маринците

Дејан Дејан

СДММ: Ќе има ли одговорност за УМС за пиротехниката или тие се над законот?

Дејан Дејан

Приведен универзитетскиот професор Александар Нацев во истрагата за пожарот во Кочани- како  реален сопственик на агенцијата Рубикон која го обезбедувала Пулс кога се случи пожарот

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе