Турските граѓани гласаат денеска на претседателските и парламентарни избори кои се проценуваат како најзначајни во современата историја на државата и од чиј исход зависи дали по повеќе од две децении на власт, актуелниот шеф на државата, Реџеп Таип Ердоган, повторно ќе добие нов петгодишен мандат.
Неговиот главен ривал, Кемал Кличдароглу, ветува дека ќе укине голем дел од овластувањата кои Ердоган ги обезбеди за себе по неуспешниот обид за државен удар од 2016-тата година.
Поддржан од широка опозициона алијанска, според последните анкети, Кличдароглу има мала предност пред Ердоган и вистинска шанса за победа.
Две клучни прашања за кои денеска одговорот ќе го дадат 64-те милиони турски граѓани со право на глас се: растечката инфлација и справувањето со последиците од двата катастрофални земјотреси.
Официјалните податоци за инфлацијата во Турција се дека таа изнесува 44%, но голем број аналитичари оценуваат дека таа е многу поголема.
Предизборната трка се вжештуваше со наближувањето на денот на изборите, а турските медиуми пренесуваат дека на голем број гласачки места, уште пред нивното отворање утринава, биле забележани големи редици граѓани.
За да победи во првиот круг, кандидатот со најмногу гласови ќе треба да ја обезеди поддршката од повеќе од 50% од граѓаните. Во спротивно, по две недели ќе се одржи вториот круг од изборите.
Турците ќе гласаат до 17 часот по локално време а веќе 1,76 милион граѓани го искористиле своето право на глас во дијаспората, во Германија, Франција и другите земји, рекордно висок одзив од над 53%.