Турските граѓани гласаат денеска на претседателските и парламентарни избори кои се проценуваат како најзначајни во современата историја на државата и од чиј исход зависи дали и по повеќе од две децении на власт, актуелниот шеф на државата, Реџеп Таип Ердоган, ќе добие нов петгодишен мандат.
Ердоган, чие владеење стануваше се поавторитарно со минувањето на годините, очекува повторно да ја добие довербата на граѓаните.
„Мојата надеж е дека откако ноќеска гласовите ќе бидат преброени, го повикуваме Господ за најдоброто, за добра иднина на нашата држава, нацијата и турската демократија“ – изјави Ердоган.
Неговиот главен ривал, Кемал Кличдароглу, ветува дека ќе укине голем дел од овластувањата кои Ердоган ги обезбеди за себе по неуспешниот обид за државен удар од 2016-тата година.
Поддржан од широка опозициона алијанса, според последните анкети, 74-годишниот Кличдароглу има предност пред Ердоган и вистинска шанса за победа.
„Се заблагодарувам на моите сограѓани. Со полно срце се заблагодарувам на сите кои излегоа денеска за да гласаат. На сите ни недостасуваше демократијата. Ни недостасуваше да бидеме заедно. Ни недостасуваше да се гушнеме меѓусебно. Од сега ќе видите дека пролетта се врати и ќе продолжиме. Мојата љубов ја испраќам кон сите. Ќе се видиме“ – порача Кличдароглу.
Две клучни прашања за кои денеска одговорот ќе го дадат 64-те милиони турски граѓани со право на глас се: растечката инфлација и справувањето со последиците од двата катастрофални земјотреси.
Официјалните податоци за инфлацијата во Турција се дека таа изнесува 44%, но голем број аналитичари оценуваат дека таа е многу поголема.
Опозицијата вината ја лоцира во инертноста на владата на Ердоган да се справи со последиците од економската криза, обвинувајќи го истовремено актуелниот шеф на државата дека непочитувањето на градежните стандарди придонело за огромните загуби на човечки животи.
Предизборната трка се вжештуваше со наближувањето на денот на изборите, а турските медиуми пренесуваат дека на голем број гласачки места, уште пред нивното отворање утринава, биле забележани големи редици граѓани.
Жителите на најголемите турски градови, Анкара и Истанбул, чии градоначалници го поддржаа Кличадароглу, немаат дилеми за значењето на овие избори.
„Овој пат сме многу возбудени. Не можев да заспијам синоќа. Имаме надеж. Веруваме дека се ќе биде во ред“ – вели Џубил Онал, жителка на Истанбул.
„Очекувам да се разбудам во Турција, која е фер, убава и мирна и во која работниците ќе го добијат својот фер дел“ – додава Али Кутван.
„Овие избори го покажуваат значењето на демократијата. Нашите гласови ќе покажат како сакаме да бидеме владеани“ –оценува Фунда Алтуган, жителка на Анкара.
Повеќе од 64 милиони граѓани, вклучувајќи и 3,4 милиони од дијаспората, имаат право на глас на изборите, кои се одржуваат во годината кога Турција ја одбележува 100-годишнината од формирањето на републиката.
Гласањето започна во 8 часот наутро а ќе заврши во 17 часот попладне. На турските медиуми им се забранува да објавуваат делумни резулти се до 9 часот навечер.
Нема да има ниту ткн излезни анкети од гласањето.
За да победи во првиот круг, кандидатот со најмногу гласови ќе треба да ја обезеди поддршката од повеќе од 50% од граѓаните. Во спротивно, по две недели, на 28-ми мај ќе се одржи вториот круг од изборите.
Никола Илиевски