Вести Свет

Ќе успее ли обединетата опозиција да го порази Ердоган на утрешните избори во Турција?

Неприкосновениот турски лидер, Реџеп Таип Ердоган, се соочува со најголемиот предизвик во својата политичка кариера пред утрешните претседателски и парламентарни избори во државата, на кои ќе се соочи со обединет опозициски фронт.

Неговиот главен ривал за претседателската функција, Кемал Кличдароглу, синоќа го одржа последниот предизборен собир, во друштво на сојузниците од коалицијата која под слоганот „Ајде“, ги остави зад себе политички разлики со единствена цел – конечно по повеќе од две децении да биде поразен Ердоган.

Ќе ја вратиме демократијата во Турција, ветува Кличдароглу.

Нанесена е вистинска штета на основните темели на државата. Главните столбови на демократијата, кои се законодавството, судството и извршната власт се сериозно разнишани. Сакаме да го поправиме тоа. Сакам да станам Претседател и Турција да ја направам демократска држава“ – вели Кличдароглу.

74-годишниот Кличдароглу е лидер на републиканската народна партија од левиот центар, која е силно посветена на секуларните идеали поставени од Кемал Ататурк.

За да го победи Ердоган, Кличдароглу направи предизборен сојуз – таканаречената Национална алијанса, каде се здружи со партии со кои вообичаено никогаш не би соработувал.

Во шестпартитниот сојуз се една националистичка партија, исламистичка партија и две партии кои произлегоа од Партијата на правдата и развојот на Ердоган.

Зад Кличдароглу застанаа и најголемата партија на Курдите, додека ја има поддршката и на популарните градоначалници на Истанбул и Анкара, најголемите турски градови.

Сакаме да бидеме дел од Западот и цивилизираниот свет. Сакаме демократија во нашата држава. Не сакаме авторитарно лидерство, сакаме слобода. Младите луѓе и жените се бесни, тие исто така сакаат слобода. Затоа, ќе ги имплементираме сите демократски правила на Европската Унија во нашата земја“ –додава Кличдароглу.

Изборите се одржуваат во услови на длабоката економска криза и растечка инфлација во државата, која се уште се опоравува и од последиците на катастрофалниот земјотрес во Февруари.

Како се приближуваше денот на изборите, кампањата стануваше се потензична.

Кличдароглу на последните големи собир пред граѓаните носеше и панцир, додека регистрирани се и повеќе инциденти.

Ништо не ме изненадува од Ердоган, порача лидерот на опозицијата.

Тој секогаш има валкани трикови. Јас никогаш не сум видел човек кој лаже толку многу како него во целиот свој живот. Ги извртува фактите и ги омаловажува луѓето. Но, што и да прави – народот ќе ме избере мене“ – оценува Кличдароглу.

Според последните анкети, Кличдароглу води пред Ердоган, но доколку ниту еден од кандидатите не освои повеќе од 50% од гласовите, новиот шеф на државата ќе биде познат по вториот круг од изборите на 28-ми мај.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Видео) Делови од Скопје без вода поради зафат на „Водовод“

Дејан Дејан

Од 15 часа до 40 без вода – скопјани се снаоѓаат со шишиња и кофи

Дејан Дејан

Скопје за мене е емотивна територија, тука имам многу пријатели, полиција да ме бара, знам каде би се сокрил – Бреговиќ во интервју за Телма

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе