Денвер ја совлада Минесота со 112-109 и со вкупни 4-1 се пласираше во полуфиналето на Западната конференција во НБА-лигата. Џамал Мареј блесна за Нагетс со 35 поени, додека Никола Јокиќ повторно запиша трипл-дабл со 28 поени, 17 скока и 12 асистенции.
Србинот по трет пат во кариерата во плејофот има трипл-дабл со повеќе од 25 поени, 15 скока и 10 асистенции со што се израмни со Вилт Чемберлен и Оскар Робертсон на второто место во историјата на НБА-лигата. На првото место е Леброн Џејмс со четири вакви постигнувања во плејофот.
Следен ривал на Денвер е Феникс, кој утринава славеше со 136-130 против Лос Анџелес клиперс за вкупна победа од 4-1 во меѓусебната серија. Ослабените Клиперс без првите две ѕвезди Пол Џорџ и Каваи Ленард, беа немоќни да се одбранат од Девин Букер, кој постигна 47 поени, како и од Кевин Дурент, кој имаше 31. Норман Пауел со 27 поени најмногу се истакна кај гостите.
Атланта успеа да намали против Бостон на 2-3 со гостинска победа од 117-119. Тре Јанг беше незадржлив со 38 поени и 13 асистенции, додека Џејлен Браун имаше 35 за Селтикс. Следниот шести натпревар се игра во Атланта.