Вести Македонија Најважни

На раб на кворум, протуркани спорните закони

На работ на кворум, со 55 гласа „за“, мнозинството пратеници ја изгласаа потребата од донесување на спорните измени на осум закони. Иако имаше бројни реакции за сите закони, попуштија само пред археолозите кои утрово и протестираа пред Собранието и ги повлекоа измените на законот за културно наследство.

Пет пратеници од помалите партии во владејачкото мнозинство, ДОМ; ЛДП; ВМРО-Народна и Српска странка беа против или воздржани, но, сепак, останаа во салата и обезбедија кворум за гласање. Опозицијата ја напушти салата, откако им беше одбиено барањето, законите да се повлечат.

Социјалдемократите застанаа во одбрана на законите.

Дебатата за законите сега се префрла во комисиите, кои не се знае кога ќе бидат закажани. Со шест од нив претседава опозицијата, а со две СДСМ и Алијанса за Албанците. Неофицијално, нема да се брза со нивно закажување. Едните – за да одолговлекуваат, другите – за да стивнат реакциите.

Овие закони се носат по скратена постапка со образложение дека се од  „јавен интерес“ и треба да ја забрзаат изградбата на новите автопатишта. Но, предизвикаа бројни реакции, особено со делот во кој компанијата „Бехтел&Енка“ нема да плаќа данок на додадена вредност за изградбата на коридорите. Нема да плаќа увозни давачки и данок на моторни возила за набавка на возила и ќе им се враќа акцизата на енергенси.

Меѓу спорните одредби е и таа со која државата ќе плаќа отштета и за бесправно изградените објекти на земјиште кое ќе треба да се експроприра. Ќе може и да присвојува и да купува земјиште по пазарни цени утврдени од овластен проценувач, без да биде завршена постапката.

Бројни реакции има и дека, со измените во Законот за градење се иззема надлежноста на институциите и на изведувачите им се дозволува буквално, „да градат каде сакаат и кога сакаат, под штитот наречен особен интерес“.

Во Законот за урбанистичко плaнирање се скратуваат рокови за одговор и прибавување на потребна документација. Шумите ќе се сечат без каква било согласност, одобрение, одлука или документ од кој било орган. Сечата е на трошок на инвеститорот, кој како „компензација“ ќе може да си ги земе дрвата што ги исекол. Минералните суровини кои ќе се најдат на патот ќе можат да се експлоатираат.

Работната недела на работниците на коридорите ќе трае повеќе од осум часа во просек неделно во период од три месеци и повеќе од 190 часа годишно, со можност за работа и во недела, за што реагираа и синдикатите.

Далиборка Демјанска Цветановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Убиени три лица во пукање во шведскиот град Упсала

Дејан Дејан

Здравева: Дамките врз институциите се таложат една врз друга, постои генерална недоверба во институциите на системот

Дејан Дејан

Здравева: Бодувањето на членовите на ДКСК е како превртена пирамида, колку се повисоки на политичките партии, толку се пониски на граѓанското општество

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе