Вести Култура

Резиденцијата на ЕУ е домаќин на нова уметничка изложба „Работ на зборовите“

Во резиденцијата на Европската Унија (ЕУ) е отворена изложбата „Работ на зборовите“ во која се опфатени дела на шест современи македонски уметници, во различни ликовни техники кои ја разгледуваат врската меѓу зборовите, јазикот, комуникацијата и општеството. Врската на визуелната уметност со зборот и јазикот е посебна. Тоа е врска на последователност, но и на надополнување, велат организаторите на изложбата.

„Денешната изложба е дел од низа активности кои ние во Делегацијата на ЕУ ги започнавме се со цел да го славиме јазикот особено македонскиот јазик и литература. Како дел од богатата традиција и како дел од вашето наследство, како дел од вашиот идентитет, како дел од заедничката европска иднина“, изјави Дејвид Гир, амбасадор на ЕУ во земјава.

„Ликовната уметност е ослободена од ограничувањата на зборовите и на различните јазици, а тие пак ја имаат моќта да ја дополнат нејзината порака и да го пренесат нејзиното значење низ времето. Уметноста и зборот се две нишки кои испреплетени ја ткаат културната таписерија на едно општество“, изјави Бојан Георгиевски од галерија „Акантус“.

„Македонскиот јазик е истовремено и мал и голем јазик. Мал е затоа што го зборуваат мал број луѓе, но голем е затоа што на него се напишани и допрва ќе се пишуваат големи дела“, изјави проф. д-р Искра Пановска–Димкова.

Изложбата е дел од низата активности во рамки на тематската кампања „Раѓањето на зборот“ (Ацо Шопов), посветена на промоција на поддршката на ЕУ за македонскиот јазик и литература што Делегацијата на ЕУ ја започна на 21 февруари – Меѓународниот Ден на мајчиниот јазик.

Како што сугерира името на изложбата, таа се занимава со многуте аспекти на зборовите: зборовите како дел од јазикот, зборовите како алатки за комуникација, зборовите како средство за едукација, но и комуникацијата која ги надминува зборовите.

Уметниците, избрани од галеријата „Акантус“ од Скопје, беа поканети да создадат дела во кои ќе ја претстават својата уметничка интерпретација и ставови за овие прашања. Славица Јанешлиева, Оливер Мусовиќ, Нехат Беќири, Александра Петрушевска Ристовска, Анета Попова и Стефан Младеновски создадоа уникатни уметнички дела кои ќе послужат како теми за размислување за дебати и средби кои Делегацијата на ЕУ ќе ги организира во текот на следниот месец, со учество на студенти, граѓанското општество, уметниците и академијата.

Изложбата ќе биде отворена за јавноста до 05 мај 2023 година. Резервација на термин за посета и бесплатни билети може да се добијат преку Фејсбук страницата „ЕУ за Култура„  https://www.facebook.com/euzakultura

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Таравари: Локалните избори ќе ја покажат нaшата моќ

Дејан Дејан

Мицкоски не негира дека се преговара зад затворени врати, допрва ќе одлучува за наследникот на Таравари во Здравство

Дејан Дејан

ДУИ: Владата на Мицкоски продолжува да јава на бранот на национализам

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе