Вести Македонија Најважни

„Има лек“ – пациентите со цистична фиброза ја добија веста дека во земјава е донесена терапија за неколкумина, а останатите уште ќе чекаат

Месеци и години поминати во чекање, протести, преговори и убедувања и сепак трошка надеж за пациентите со цистична фиброза. Сакаат да слушнат само два збора – „има лек“. И добија таква вест.

На точно еден месец по смртта на Благојче Илиевски, кој почина чекајќи терапија, надлежните се пофалија со веста дека е донесен современиот лек „Трикафта“ во Македонија. Официјално, има доволно за осум пациенти, а обезбедено преку интервентен увоз.

Сѐ уште не се познати имињата на пациентите кои се први на списокот, но логиката вели – најкритичните дека ќе бидат први во редот.

„Ќе видиме како ќе ги решаваат работите и како ќе започне имплементацијата затоа што тоа сѐ уште е под знак прашалник и тие информации ние засега ги немаме. Мислам дека работите ќе се движат добро со оглед на тоа што некои пациенти веќе започнуваат со користење на лекот „Трикафта“. Тоа е една позитивна работа којашто досега не ни беше ниту замислива“ вели Фики Гаспар, претседател на Асоцијацијата за цистична фиброза.

Веќе се примаат во болница пациентите кои треба да ја примат терапијата. На Детската клиника се шест од нив, а двајца на Пулмологија.

Терапијата е таблетарна и се дава еднаш месечно. Пациентите се подготвуваат во болница, а таблетите ги пијат дома, велат медицинарите.

Количините од оваа набавка се доволни за една година, а во рамки на буџетот може да се обезбеди „Трикафта“ и за уште неколку пациенти.

„Очекуваме да започнеме со терапија овие денови, кај некои од пациентите уште од утре. Се надеваме на позитивен ефект во однос на подобрување на нивната белодробна функција, подобрување на квалитетот на животот, на нутритивниот статус, намалена зачестеност на хоспитализациите и секако поактивен живот на овие пациенти. Дадовме барање до ФЗО дополнително и во рамките на истиот буџет да бидат вклучени уште четири пациенти“ изјави Проф. Д-р Стојка – Нацева – Фуштиќ, директор на Клиниката за детски болести.

Новиот министер за здравство не истакна многу детали на прес-конференцијата. Тој вчера се сретнал со претставници на Асоцијацијата за цистична фиброза.

Проекциите се дека до крајот на годинава ќе се обезбеди лекот за триесет пациенти.

„Работиме на изнаоѓање решенија за останатите пациенти засегнати со оваа дијагноза“ само кратко откри Фатмир Меџити, министер за здравство.

Во меѓувреме, месецов се очекува да започне и процедурата за измена на трите закони со кои ќе се олесни увозот на лекот „Трикафта“ во земјава.

Станува збор за законот за јавни набавки, Законот за лекови и Законот за здравствено осигурување.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Телма во Чучер Сандево: со пожарникарите и жителите кои ги бранат куќите и манастирите од пожарот

Дејан Дејан

Топлото време е подеднакво опасно и за младите и за повозрасните,

Дејан Дејан

Охридскиот регион на Листа на светско наследство во опасност предлага УНЕСКО- властите да преземат итни чекори

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе