Вести Свет Топ вести

Ковачевски подготвен да биде домаќин на средбата Вучиќ – Курти – ЕУ го објави текстот на договорот за нормализација на односите Белград – Приштина

Премиерот Димитар Ковачевски е подготвен да биде домаќин на средбата на претседателот на Србија Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти како дел од преговорите меѓу Белград и Приштина, кои се водат под покровителство на ЕУ и САД, на 18 март во Северна Македонија.

На средбата, како што е најавено ќе присустуваат и високиот претставник на Европската Унија за заедничка надворешна политика и безбедност Жозеп Борел и специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак.

Oд Владата посочија дека  европскиот предлог за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина е исклучително важен за иднината и стабилноста на регионот, а Северна Македонија уште еднаш докажува дека фактор на стабилност, односно земја членка на НАТО, која ги отпочна преговорите со ЕУ и како земја која претседава со ОБСЕ, најголемата безбедносна организација во Европа.

Средбата меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти со претставници на Европската Унија во Брисел заврши без договор, но европскиот комесар за надворешни работи Жозеп Борел изјави дека Вучиќ и Курти се согласиле дека не се потребни дополнителни разговори за европскиот предлог и дека тоа е рамка за нормализирање на односите меѓу двете страни.

Синоќа, по средбата меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, Европската служба за надворешни работи го објави текстот на договорот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово, кој е поддржан од сите 27 членки на ЕУ и на кој има договор меѓу двете страни. Договорот на двете страни им беше претставен во септември минатата година, но никогаш официјално не беше објавен.

„Задоволство ми е да објавам дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти денеска се согласија дека не се потребни дополнителни дискусии за предлогот на Европската унија за Договорот за патот кон нормализација меѓу Косово и Србија“, изјави Борел по средбата меѓу Вучиќ и Курти.

 

Брзо потоа, дипломатската служба на ЕУ за првпат го објави целосниот текст на предложениот договор, кој има кратка преамбула и 11 члена. Во преамбулата се наведува дека договорните страни се „свесни дека неповредливоста на границите и почитувањето на територијалниот интегритет и суверенитет и заштитата на националните малцинства се основни услови за мир“.

Во текстот на договорот се наведува дека двете страни ќе развијат „нормални, добрососедски односи засновани на еднакви права“, дека „заемно ќе ги признаваат документите и националните симболи, вклучувајќи пасоши, дипломи, регистарски таблички и царински печати“.

Двете страни ќе се водат од целите и принципите утврдени во Повелбата на Обединетите нации, особено оние за суверена еднаквост на сите држави, почитување на нивната независност, автономија и територијален интегритет, правото на самоопределување, заштита на човековите права и недискриминација.

Со договор, Косово и Србија се обврзуваат да ги решаваат меѓусебните спорови исклучиво со мирни средства и да се воздржат од закани за употреба на сила. Страните тргнуваат од претпоставката дека ниту една од двете не може да го претставува другото во меѓународната сфера или да дејствува во нејзино име, а Србија нема да се спротивстави на членството на Косово во ниту една меѓународна организација, се вели во текстот.

Ниту една страна нема да ги блокира или охрабрува другите да го блокираат напредокот на другата на нејзиниот пат кон ЕУ по сопствена заслуга.

Во текстот се вели дека овој договор е важен чекор во нормализацијата на односите, но дека страните треба да го продолжат дијалогот под покровителство на ЕУ, што треба да доведе до правно обврзувачки договор за сеопфатна нормализација на нивните односи.

Страните се согласија да ја продлабочат соработката на полето на економијата, науката, технологијата, транспортот, поврзаноста, правдата, спроведувањето на законот, поштата, телекомуникациите, здравството, културата, религијата, спортот, заштитата на животната средина, исчезнатите лица, бегалците и други слични области преку склучување на конкретни договори.

„Двете страни се обврзуваат да воспостават посебни аранжмани и гаранции, во согласност со релевантните инструменти на Советот на Европа и потпирајќи се на постоечките европски искуства, со цел да се обезбеди соодветно ниво на самоуправа на српската заедница на Косово и способност за обезбедуваат услуги во одредени области, вклучително и можност за финансиска поддршка од Србија и директен канал за комуникација на српската заедница со владата на Косово“, се вели во текстот.

Исто така, се вели дека партиите ќе го официјализираат статусот на Српската православна црква во Косово и ќе обезбедат силно ниво на заштита на српското верско и културно наследство, во согласност со постоечките европски модели.

Предвидена е размена на постојани мисии, кои ќе бидат формирани во седиштата на владите. Страните се согласија да формираат заеднички комитет со кој ќе претседава ЕУ, кој ќе го следи спроведувањето на овој договор.

Во последниот член се вели дека страните се обврзуваат да го почитуваат планот за имплементација кој е во анекс на договорот.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Сенатот го усвои „големиот прекрасен закон“ на Трамп

Дејан Дејан

Топлотен бран ширум Европа – повеќе земји бележат рекордни температури за овој период од годината

Дејан Дејан

Изборниот законик пример за различни предизвици во реформската агенда

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе