По победата од 79:64 во дуелот против Брегот на Слоновата коска, репрезентацијата на Зеленортските острови стана најмалата земја (по број на популација) која успеала да се пласира во завршницата на Светскиот куп во кошарка.
Зеленортските острови со вкупна популација од 572.000 жители го надмина рекордот на Црна Гора која пред четири години со 620.000 жители го држеше приматот во оваа категорија.
Меѓу учесниците кои настапиле на Светскиот шампионат, а имале популација помала од 1 милион е и Катар, кој кога настапил на првенството во 2006 година имал вкупно 988.000 жители.
Инаку прва ѕвезда на Зеленортските острови е центарот на Реал Мадрид, Валтер Еди Таварес кој со своите 220 сантиметри важи за еден од најдобрите играчи на планетава на оваа позиција.
Постигнувањето на Зеленортските острови може да го собори Исланд, кој вечерва гостува во Тбилиси и доколку ја совлада Грузија со повеќе од четири поени разлика ќе избие на првото место со оглед на фактот дека оваа земја има 347.101 жител.
ФОТО: Игор Паневски