Македонската кошаркарска репрезентација се пласираше во главните квалификации за Евробаскетот 2025 година откако вечерва доминантно ја прегази Норвешка во Осло во последното коло од претквалификациите. Нашите кошаркари мораа да победа за прогрес понатаму откако Словачка славеше минимално на гости кај Данска со 72-71. Избраниците на селекторот Александар Јончевски не потклекнаа под притисокот и славеа лесна победа од 41-79.
Нашите кошаркари не сакаа ништо да препуштат на случајот па буквално од првата секунда доминираа на натпреварот. Уште во првата четвртина стигнавме до двоцифрена предност, која постојано ја одржувавме и зголемувавме. На полувремето водевме со убедливи 26-45 па веќе беше јасно дека грабиме кон триумфот. Во второто полувреме, Македонија само ја зголемуваше разликата која на крајот изнесуваше +38 поени или со конечни 41-79.
Ти Џеј Шортс со 22 поени беша најефикасен во нашиот тим, Војдан Стојановски имаше 16 поени. Харалд Фреј со 10 поени најмногу се истакна кај Норвешка.
Македонија во групата Д финишира на првото место со скор од пет победи и еден пораз, пред Словачка со скор од 4-2, а на последните две места се Норвешка и Данска.
Главните квалификации започнуваат во ноември годинава и ќе бидат поделени во четири прозорци до февруари 2025 година. Со ждрепка ќе бидат одредени осумте групи по четири репрезентации. На Евробаскетот ќе се квалификуваат три репрезентации од секоја група.