Македонската кошаркарска репрезентација денеска од 18 часот на гости кај Норвешка го игра клучниот натпревар за пласман во главните квалификации за Евробаскетот во 2025 година. Ја имаме судбината во сопствени раце па со победа во Осло ќе ја продолжиме борбата за место помеѓу најдобрите на континентот.
Во четвртокот избраниците на селекторот Александар Јончевски го запишаа првиот пораз во претквалификациската група и тоа на гостувањето кај Словачка со 82-73, откако претходно имавме четири победи на исто толку средби. Сега на Македонија и преостанува да ја заврши работата во последното коло и да слави во Норвешка, ривал кој го совладавме во Гевгелија на првата меѓусебна пресметка со 58-36.
Нашиот пласман зависи и од првата денешна средба во групата помеѓу Данска и Словачка, меч што се игра од 15:30 часот. Доколку Данска слави против нашиот најголем ривал за првото место, тогаш вечерашниот меч помеѓу Норвешка и Македонија нема да има значење, односно нашиот тим ќе го освои првото место. Во случај Словачка да слави, Македонија исто така мора да победи, бидејќи ако загубиме, ќе имаме исто бодови со Словаците, но послаб кош количник во меѓусебните дуели и ќе останеме без првото место.