Дуелот меѓу Лос Анџелес Клиперс и Сакраменто ќе влезе во историјата на НБА лигата како втор најефикасен натпревари. Милвоки славеше над Мајами и го задржа чекорот со водечкиот Бостон во Источната конференција.
Калифорниското дерби беше решено по две продолженија, а Сакраменто го совлада Клиперс со 176:175 и со вкупно 351 поен е вториот најефикасен дуел во историјата зад мечот меѓу Детроит и Денвер одигран пред три децении во кој беа постигнати 370 поени.
Де’Арон Фокс имаше учинок од 42 поени и 12 асистенции, Малик Монк додаде 45 поени и шест додавања додека Домантас Сабонис имаше 20 поени и 10 скока.
Во поразениот тим Каваи Ленард беше стрелец на 44 поени, а Пол Џорџ впиша 34 поени и 10 освоени топки под обрачите.
Милвоки триумфираше над Мајами со 128:99. Џру Холидеј мечот го заврши со 24 поени и седум асистенции, Боби Портис имаше 18 поени и 11 скока, а на спротивната страна прв стрелец со 23 поени беше Џими Батлер.
Во останатите натпревари: Феникс – Оклахома 124:115, Голден Стејт – Хјустон 116:101, Чикаго – Бруклин 131:87, Атланта – Кливленд 136:119, Вашингтон – Њујорк 109:115 и Минесота – Шарлот 113:121.
ФОТО: Игор Паневски