Од обвинителството на прашање на Телма до каде е истрагата за убиството на Дилавер Бојку Леку, одговорија дека воделе постапка за 2 осомничени лица. За првиот имало истрага за убиство и за убиство во обид но обвинителот ја запрел истрагата бидејки немало докази.
За второто лице имало кривчна пријава за помагање но обвинителот донесел решение за отфрлање на кривичната пријава, бидејќи утврдил дека не постои основано сомневање дека го сторил кривичното дело. Од струшкото обвинитество велат дека постапката продолжува во насока на откривање и идентификување на убијците на Леку.
Во продолжение е целиот одговор на обвинителството
-Во предметот за кој покажувате интерес, Основното јавно обвинителство Струга донесе Наредба за истражна постапка против едно лице за едно кривично дело – Убиство по член 123 и едно кривично дело – Убиство (во обид) по член 123 во врска со член 19 од Кривичниот законик, додека против уште едно лице беше примена кривична пријава за помагање при извршување на наведените дела.
Во текот на истражната постапка надлежен јавен обвинител презеде поголем број на дејствија, испита сведоци и нареди вештачења со цел обезбедување докази.
По спроведената истражна постапка, јавниот обвинител донесе Наредба за запирање на истражната постапка против првото лице, бидејќи беше утврдено дека нема докази дека осомничениот го сторил кривичното дело, додека за вториот пријавен беше донесено Решение за отфрлање на кривичната пријава, бидејќи не постои основано сомневање дека осомничениот го сторил кривичното дело.
За настанот постапката продолжува во насока на откривање и идентификување на сторители на кривичното дело.
Денеска, ВМРО-ДПМНЕ обвини дека братот на предложениот министер за правда, е осомничен за убиството на Дилабер Бојку Леку.