Повеќе илјади поддржувачи на опозицијата во Албанија излегоа денеска на протест во Тирана, барајќи оставка од премиерот Еди Рама за наводниот скандал со корупција и уништувањето на економијата на државата.
Поранешниот претседател и премиер на државата Сали Бериша, лидер на Демократската партија и поранешниот претседател Илир Мета, сега лидер на партијата на слободата беа меѓу демонстрантите кои се собраа пред зградата на владата и бараа оставка од Рама.
Демонстрантите фрлија и димни бомби кон главниот влез во зградата на владата, која беше обезбедувана од полициски кордон.
Опозицијата го обвинува Рама и за наводен коруптивен скандал со Чарлс Мекгонигал, поранешен висок рангиран службеник во американската ФБИ, кој е обвинет во САД дека сокрил клучни детали од Еф-би-ај, за својата посета на Албанија во 2017-тата година, кога по средбата со поранешен високо рангиран службеник во албанското разузнавање од кого наводно добил 225 илјади долари.
Рама потврди дека се сретнал со Мекгонигал, но негираше дека му дал пари или повластен третман.
Инаку, на протестот во Тирана, не присуствуваа ниту сите припадници на Демократската партија, која е зафатена со внатрепартиски превирања, откако шефот на американската дипломатија, Ентони Блинкен, во 2021-та година, му забрани на Бериша и неговите блиски роднини да влезат во САД, заради како што беше кажано: „коруптивни постапки која ја поткопуваат демократијата“ , во текот на неговиот мандат како премиер на Албанија од 2005-та до 2013-та година. Таква забрана истата година воведе и Велика Британија.
Бериша повика и на нов протест пред парламентот во понеделник.