Вести Најважни Свет

Војниците на АРМ помогнаа во спасувањето на 5 годишно дете од урнатините во Кахраманмараш

Македонските војници кои се дел од спасувачките активности во регионите во Турција зафатени од земјотресот попладнево биле дел од успешната операција за извлекување на дете од урнатините во градот Кахранманмараш.

Војниците на АРМ по сознанијата дека биле слушнати гласови од под урнатините, започнале со 6 часовно расчистување на урнатините и заедно со турските спасувачи успеале да го извлечат пет годишниот Сулејман од под урнатините.

Ваквите чудесни спасувања го креваат моралот и мотивираноста на бројните турски и меѓународни спасувачи, кои очајнички трагаат по преживеани од разорниот земјотрес кој зафати голем регион во југо-источна Турција и северо-западна Сирија.

Реалноста за жал е исклучително мрачна и траорна.

Официјалните податоци за бројот на загинатите постојано растат и додека ги слушате последните информации кои ги соопшти турскиот претседател Ердоган, со голема веројатност, тие бројки веќе се зголемиле.

„Бројот на нашите граѓани кои починаа под урнатините од земјотресот достигна 16 170. Бројот на нашите повредени достигна 64 194. Бројот на уништени згради е 6 444“ – соопшти турскиот претседател.

Заедно со жртвите во Сирија, каде ресурсите за помош на настраданите се многу поограничени, во земјотресот досега официјално животот го загубија над 20 000 луѓе.

Но земајќи предвид дека илјадници згради се срамнети со земја, во региони каде спасувачите ниту имаат пристап заради уништената инфраструктура и недостатокот на механизација и други ресурси, проценките за бројот на затрупаните под урнатините се застрашувачки.

Стравувањата се дека во катастрофата која ги зафати двете држави животот го загубиле меѓу 100 000 и 180 000 луѓе.

„Ова е од размер кој е едноставно шокантен. Мислам дека бројките кои ги гледаме, знаете, се релативно мали во споредба со тие што треба да ги очекуваме.“ – оценува д-р Џорџ Чампас, специјалист по итна медицина.

Во меѓувреме, првиот конвој со хуманитарна помош од ОН пристигна во Сирија, преку единствениот граничен премин кој светската организација има дозвола да го користи за доставување помош преку Турција.

Милиони Сиријци, голем дел од нив и внатрешно раселени лица од крвавата граѓанска војна во државата и досега живееа во ужасна сиромаштија во овој дел од државата, зависни од меѓународната хуманитарна помош.

Специјалниот пратеник на генералниот секретар на ОН за Сирија дека апсолутен приоритет е да се обезбеди непречено доставување на помошта за сите региони зафатени од катастрофалниот земјотрес, што е посебен проблем, земајќи предвид дека дел од нив ги контролира режимот на Башар Ал-Асад а дел различните бунтовнички и опозициони групи.

„Мора да направиме се што можеме за да бидеме сигурни дека нема да има никакви пречки за одложување на помошта која спасува животи и е неопходна во Сирија. За ова разговарав особено со претставниците на САД и Европската Унија. Тие ме уверија дека ќе направат се што можат за да нема пречки за помошта која доаѓа во Сирија за оваа ситуација“ – вели специјалниот пратеник на генералниот секретар на ОН за Сирија, Геир Педерсен.

Светската здравствена организација денеска предупреди дека огромен предизвик за хуманитарните организации ќе биде да се погрижат дека луѓето кои го преживеале земјотресот, „ќе продолжат да живеат“.

Според СЗО, повеќе стотици илјади луѓе во моментов живеат на отворено, на минусни температури, во услови кои постојано се влошуваат. Немаат пристап до вода за пиење, струја, греење ниту пак средства за комуникација.

Постои голема опасност од втора, огромна катастрофа, која може да им наштети на уште повеќе луѓе, доколку не реагираме брзо и одлучно, предупредуваат од СЗО.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Градоначалникот на Чучер Сандево за Телма тврди: состојбата со пожарот во општината е алармантна

Дејан Дејан

Топ Тема: ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ разменуваат обвинувања за политиканство и негрижа за настраданите во пожарот во Кочани

Дејан Дејан

Рускиот министер за транспорт пронајден мртов во својот автомобил откако беше разрешен од Путин – се тврди дека извршил самоубиство

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе