Секоја добра вест и среќен крај со извлекување на живо битие од под урнатините е тоа што го крепи духот на луѓето во најпогодените области на Турција и Сирија. По 45 часа затрупан под урнатините во Антакија, малиот Мухамед беше извлечен од страна на турските спасувачи. Изразот на неговото лице откако после 45 часа со помош на пластично капаче ја доби првата голтка вода, е целата надеж и потткрепа за спасувачите дека ќе успеат да го спасат и следниот.
Во Адијаман по 47 часа затрупани спасувачите успеаја да ги излечат и тригодшниот Мухамед Таник и неговата 38 годишна мајка.
Мавни и на камерата, кажи им дека си добар. Кажи „Добар сум“. Како си? Сега ќе ја спасиме и мајка ти, добро? Ајде. Одлично, многу добар си. Воопшто не плачење и цело време зборуваше со мајка му таму долу, го охрабруваше малиот Мухамед еден од спасувачите.
Малку на север од Антакија, во Искандерун, грчките спасувачи извлекоа 6 годишно девојче. Спасувањето беше пренесувано во живо на грчкиот национален сервис, и светот од прва рака можеше да види колку им значи и на спасувачите кога ќе извлечат жив човек. Според ЕРТ, спасувачите прво тргнале во потрага по нејзината една година постара сестра, но и покрај тоа што ископале 7 метри во длабочина, не успеале на време да стигнат до неа. Откако го извадиле нејзиното тело, еден од спасувачите го слушнал помладото девочје и тие продолжиле да копаат и успеале да ја спасат.
Во Адана, спасувачите го замолија и дописникот од Блискиот Исток на БиБиСи, Том Бејтман да го прекине јавувањето во живо, за да слушаат за знаци на живот.
Изгледа дека застануваат на момент, и нѐ замолија да бидеме тивки. Затоа ќе престанам да зборувам, рече бејтман за време на преносот.
Но, како што поминува времето и надежта безмилосно се намалува, а помошта бавно патува, така чувството на очај го заменува чувството на гнев. Повеќе од 70 земји испратија помош, но инфраструктурата во Сирија речиси и да не постои по повеќе од една деценија граѓанска војна, додека Турците револтирано прашуваат каде се парите од т.н Данок на земјотреси, кој властите повеќе од 20 години го собираат. Во некои од потешко пристапните населби околу Караманмарас на спасувачките екипи им требаше многу да пристигнат. На многу места роднините биле принудени самите, користејќи примитивни алати, па дури и со голи раце, да копаат по урнатините очајно обидувајќи се да стигнат до своите блиски.
Игор Трајков