Јасмин Реџепи од Легис, во вечерашната Топ Тема, многу прецизно ја илустрираше тешката ситуација во турскиот регион зафатен од катастрофалниот земјотрес, каде се сместени огромен број бегалци од крвавата граѓанска војна во Сирија.
„Во нашата последна посета на Газијантеп и Хатаи, бевме и во малото гратче Реханли. Реханли е град од 90 000 жители, каде имаше 120 000 бегалци. Замислете во секој од тие помали, па и поголеми градови, колку многу бегалци се сместени. Во цела Турција само 10% се сместени во кампови а другите во градовите и селата. Во еден стан живеат и по 3 семејства. Кога ќе дојде екипата за спасување во зграда во која има 10 стана, очекува 10 семејства а всушност таму има од 10 до 20 семејства. Тоа е голем број на луѓе и не дај боже жртви, кои прашање е дали ќе биде сместена. Областа зафатена од земјотресот е речиси двојно поголема на пример од Босна и Херцеговина“ – изјави Реџепи во Топ Тема.
Според генералниот секретар на Легис станува збор за 13 милиони луѓе кои се во опасност и голем дел од нив се веќе бегалци.
Тој додаде дека уништена е и патната инфраструктура, што дополнително ја отежнува работата на спасувачите.
Реџепи изјави и дека особено е тешка ситуацијата и во Сирија, бидејќи од земјотресот е зафатен регион каде контролата ја имаат различни групи, како од опозицијата, така и од власта, каде нема ниту човечки ресурси, потребната механизација, ниту пак може лесно да се стигне до регионите зафатени од земјотресот.
Во однос на тоа како да им се помогне на сите настрадани во Сирија, Реџепи изјави дека хуманоста не треба да познава граници.
Војната таму не е завршена, но на луѓето мора да им се помогне, вели Реџепи.