Еден од напаѓачите на секретарот за бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, Христијан Пендиков ќе одговара дека го нападнал поради омраза, по другиот сè уште се трага. Охридското обвинителство му поднесе обвинение за тешка телесна повреда по членот 131, став 2 кој гласи:
„Тој што ќе го стори делото од став 1 при вршење семејно насилство или од омраза, ќе се казни со затвор од една до пет години“.
Обвинетиот, заедно со уште едно засега непознато лице за истрагата, од омраза поради националната и етничката припадност, тешко телесно го повредиле Пендиков, информираат од обвинителството. Обвинетиот Охриѓанец се бранел со молчење, но до ваков закучок обвинителот дошол врз основа на снимките од видео надзорот, но и изјавите на сослушаните сведоци.
„На 19 јануари, во кафе бар во Охрид, обвинетиот најпрвин пристапил до масата на која седел оштетениот и му забележал затоа што се изјаснувал како Бугарин. Подоцна, кога оштетениот го напуштил објектот и се движел кон неговото возило, обвинетиот и другото непознато лице почнале да го следат, го нападнале и го удирале со раце и нозе по главата и телото, нанесувајќи му тешки телесни повреди“, соопштија од ОЈО Охрид.
Обвинителството бара продолжување на притворот на обвинетиот напаѓач, а за другиот инволвиран велат дека сè уште работат на негова идентификација и приведување.
Дали истрагата имала предвид дека напаѓачот кој е недостапен има бугарско државјанство и дали и покрај тоа нападот може да се квалификува дека е од омраза поради национална или етничка припадност од обвинителството за Телма велат дека досега немале официјална потврда дека некој од инволвираните е бугарски државјанин.
Пендиков во моментот на нападот немал бугарско државјанство, туку се изјаснувал како Бугарин. Вчера министерот за надворешни Милков на Бугарија најави дека ќе го добие во најбрз можен рок, но ќе му биде обезбедат и стан за привремено сместување, откако вчера беше пуштен од болница.
Елена Ивановска Мукоска