Вести Интервју Македонија

Многумина пријавија луѓе кои ги прекршиле правилата, „црните листи“ се постојан процес- Интервју со американската амбасадорка Ангела Агелер

Снежана Лупевска Созен: Какви се вашите впечатоци од средбите со партиските лидери во изминатите неколку дена во светло на нивните наведени заложби за поддршка на патот на интеграцијата на земјата во ЕУ?

Амбасадорка Ангела Агелер: Како прво, ви благодарам што одвоивте време денеска, пресреќна сум што можам да разговарам со вас, Снежана. Како дипломат, како американски амбасадор, работа ми е да разговарам со политичките лидери, од сите партии и ширум политичкиот спектар. Мислам дека е многу корисно, затоа што можам директно од нив да ги слушнам нивните мислења, мислењата на нивните членови на Собранието, нивните гласачи и како тие гледаат на моменталната ситуација во земјата. Значи, нормално е американските амбасадори да разговараат со луѓе од целиот политички спектар. Мене ми беше особено важно изминативе неколку недели, бидејќи има многу дискусии во земјава за евроатлантската интеграција, вашата европска интеграција и патот кон ЕУ. Мислам дека тоа е од критична важност. Тоа што е исто така важно, според мене, е што можам да ги споделам моите гледишта, и гледиштата на Вашингтон, многу искрено со лидерите, ќе повторам, на сите политички партии, за многу јасно да знаат што застапуваат САД. А тоа што го застапуваат САД, и што го застапува амбасадата е силна поддршка за патот кон ЕУ. Дали за тоа се потребни некои тешки одлуки, и некој тежок избор, уште еднаш, од страна на лидерите и народот на оваа земја? Да, потребни се. Но, јас верувам дека оваа земја е способна да одговори на задачата, и затоа, за мене е важно не само тоа што можам да слушнам, туку и да споделам, многу искрено и отворено, кој според нас е најдобриот пат напред, за оваа држава и за нејзиниот народ.

Снежана Лупевска Созен: Овие денови политичката атмосфера меѓу Македонија и Бугарија е наелектризирана, не е релаксирана. Некако е очигледно дека Бугарија нема да престане со притисоците, но ова е мое лично мислење. Во ваква атмосфера, колку е реално да се постигне консензус во Собранието меѓу политичките партии за гласање на уставните промени?

Амбасадорка Ангела Агелер: Мислам дека тоа е многу важна точка. Пак ќе кажам, луѓето во државата, вашите гледачи, секој ден можат да ги видат тие конфликти, и ескалацијата кај дел од дијалогот што ја сведочиме помеѓу оние во Софија и овие овде. Мислам дека е од критична важност тие разговори да се смират, лидерите од двете страни на границата да можат да дискутираат смирено и рационално, за тоа кој е патот напред, во врска со некои од овие проблеми кои ги видовме помеѓу различни индивидуи и заедници. Тоа е од критична важност. Но, дали тоа треба да го запре, или дури и да го одложи напредокот кон ЕУ? Не мислам дека треба. Го поздравувам министерот за надворешни што отиде во Софија и што разговараше со тамошното Министерство за надворешни работи и со други лидери, за тоа како да се поддржат малцинските заедници овде во Северна Македонија, и како двете држави да постигнат напредок во надминувањето на било какви точки на притисок помеѓу двете влади, за да можат луѓето од оваа земја да го продолжат напредокот во нивните европски аспирации.

Снежана Лупевска Созен: Јавноста во Македонија очекува да види црна листа на САД на корумпирани актери, но ништо досега не е објавено. Можеме ли да очекуваме нешто конкретно во скоро време?

Амбасадорка Ангела Агелер: Како прво, дозволете ми да ви кажам дека не постои само една листа. Прашањето не е дека САД ќе објават една листа и ќе кажат „тоа е тоа, ова се сите имиња“. Ова е долготраен и постојан разговор помеѓу американската амбасада овде и Вашингтон, и ширум владата во Вашингтон. Има повеќе видови на листи за санкции, значи не постои само една, и не станува збор дека се прави една листа и завршуваме. Бидејќи има постојана проверка за оние кои ние сметаме дека ги прекршиле правилата во поглед на очекувањата кои ги имаат САД за тоа дали да им дозволи влез во САД, или да се соочат со други видови на финансиски санкции. Значи некои ги води Стејт департментот, некои ги води Министерството за финансии, и други агенции исто така. Значи тоа е постојан разговор. Немам временска рамка бидејќи Вашингтон ќе ги објави кога ќе ги заврши истрагите и заклучоците. Тесно соработуваме во развојот на случаите. Моите очекувања се дека во следните месеци ќе видиме неколку имиња, но не знам која е точната временска рамка. Ќе повторам за да бидам јасна, тој разговор кој го водиме, кој јас го водам, кој мојот тим овде го води со Вашингтон, не бараме мислења на луѓе од оваа земја, и верувајте ми, откога дојдов овде, луѓе имаат пријавено многу, многу имиња во оваа амбасада, на луѓе кои ги прекршиле правилата, и кои треба да бидат на некоја од листите за санкции. И ние секако дека ги разгледуваме тие. Би ги замолила луѓето за трпение, но исто така и да сфатат дека ова е постојан процес. Знаете, ме прашуваат за листата, и пак ќе повторам, не постои само една, но тоа можеби е и можност за луѓето помалку да бидат фокусирани на една луста, туку повеќе да бидат фокусирани на видовите на активности и постапки кои би ставиле некој на листата. Мислам дека ова е можност за правосудството сериозно да се погледне себеси, дали сте судија, или обвинител, која и да е вашата улога, и да се запрашате „дали јас се однесувам, дали си ја извршувам работата со интегритет? Дали сум под влијание на други? Дали носам одлуки засновани врз законот?“ Мислам дека сите можеме да посочиме кон неодамнешни примери каде што не ни се чини нам, или на јавноста, дека тоа се случило. Значи продолжуваат да се појавуваат примери кои изгледаат многу сомнително, пак ќе повторам, не само на САД и на амбасадата, туку и на обичните луѓе, кои сакаат да продолжат со своите животи знаејќи дека нивната влада, дека нивните политичари дејствуваат во најдобар интерес за нив. Во најдобар интерес за граѓаните, а не во нивниот личен најдобар интерес, на судијата, на обвинителот, или на било кој.

Снежана Лупевска Созен: Со оглед на тензичните односи меѓу Косово и Србија, дали е можна ескалација на кризата во регионот?

Амбасадорка Ангела Агелер: Тоа е навистина многу важно прашање за регионот. Како што знаете, ние сме загрижени. Советникот во Стејт Департментот беше тука неодамна, Дерек Шоле. По средбите кои ги имаше тука во Скопје, замина во Приштина. Нашиот заменик помошник секретар Ескобар е многу ангажиран. Ги повикуваме лидерите на двете земји да имаат дијалог кој ќе ја смири ситуацијата таму, затоа што е навистина сериозна и загрижувачка. Јас исто така верувам дека лидерите на оваа земја може да имаат продуктивна улога. Како што видовме во повеќе ситуации, Северна Македонија е веројатно единствената земја на Западниот Балкан која нема конфликти со соседите. Мислам дека може да имаат улога да овозможат средба на лидерите кои вообичаено не би разговарале. За повеќе теми. Мислам дека особено меѓуетничкото прашање е тоа за кое раководството на оваа земја може да има продуктивна улога, затоа што и покрај сите тензии кои и натаму постојат тука, сепак е остварен напредок. Сепак  имаше голем напредок тука. Не постои актуелен конфликт, значи може да помогнат во комуникацијата на луѓето, за тоа како да ги надминат овие разлики. Некои од нив траат со децении или векови. Како да се направи помирен регион, за да луѓето продолжат со своите животи. Економиите да растат, трговијата да се обнови. За да има нормални односи меѓу соседите.

Снежана Лупевска Созен: Телевизија Телма беше етикетирана од лидерот на ДУИ, Ахмети, како непријател на Албанците. Тоа се негови зборови. Премиерот Ковачевски, наместо да го осуди нападот, тој даде лично мислење со кое ја критикуваше уредувачката политика на Телма. Каков е вашиот став во однос на ваквите напади на независноста на медиумите и нивното етикетирање?

Амбасадорка Ангела Агелер: Јас силно верувам и тоа јасно го кажав, дека слободата на медиумите е многу важна за секоја земја. Тоа е еден од нашите најзначајни приоритети. Силно верувам дека никој, ниту функционер ниту поединец, но особено функционерите, не треба да ги напаѓаат медиумите или пак некој новинар конкретно. Искрено, мислам дека тоа е опасно. Мислам дека тоа не е соодветно. Како и да е, верувам во тоа дека постои еден вид на „општествен договор“ со одговорните новинари, како на пример што сте вие. Медиумите на пример, може да имаат одредени погледи или поединечно новинарите може да имаат одредени ставови. Многу е фер новинарите да бидат критички настроени кон избраните функционери. Всушност тоа е и нивната улога, во голем број на случаи. Да ја алармираат јавноста ако постои загриженост за владата или опозицијата или кој и да е друг. Но, исто така е суштински важно, како што и вие добро знаете, како почитуван и непристрасен новинар, е тоа да биде направено на начин кој не е личен напад на поединецот. Дека целта е да се обезбедат информации за јавноста, со цел тие да можат да донесат одлуки кога ќе гласаат или ќе им одговорат на избраните функционери за своите цели. Значи луѓето да ги добиваат информациите кои им се потребни. Луѓето се критикуваат за работи кои можеби и не знаат дека згрешиле. Но тоа се прави на начин, кој не е едноставно напад врз поединците. Без разлика дали тоа доаѓа од избраните функционери или новинарите, мислам дека е важно да постои таа рамнотежа. И тоа да се прави на еден фер начин.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Јужнокорејскиот претседател ќе го укине указот за воена состојба откако ќе има кворум во Собранието – протестите продолжуваат

Дејан Дејан

Цела година ни праќаше фотографии на Ватсап од средби со политичари – пранкерите Вован и Лексус за искуството со Заев

Дејан Дејан

„Изиџет“ напролет ќе почне да лета од Скопје до „Орли“ во Париз

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе