Селекторот на македонската ракометна репрезентација Кирил Лазаров ги прифаќа критиките од јавноста по двата убедливи порази со двоцифрена разлика од Норвешка и Холандија на Светското првенство 2023, што се одржува во Шведска и Полска.
Нашиот предводник смета дека помладите играчи допрва треба да созреат за да се намалат техничките грешки што се главна причина за убедливите порази.
„Ја прифаќеме критиката. Во овој момент Холандија е подобра од нас и тоа сите го знаевме. Разликата не е реална, ние моравме, како што кажав и по мечот, да загубиме подостоинствено. Имавме многу грешки и во одбраната и во нападот, имавме многу избрзани технички грешки. Ова е нова генерација која допрва треба да созрева на големите натпреварувања. Мислам дека ова Светско првенство што тешко го обезбедивме добро ќе им дојде на младите ракометари. Дојдовме со цел да ја помине првата фаза“, изјави Лазаров на денешниот тренинг на репрезентацијата.
Следува последниот меч во групната фаза со Аргентина, кој е „да се биде или не“ за двете репрезентации.
„Утре е главната битка со Аргентина, селекција кој е екстра противник, кој покажа дека игра цврст и силен ракомет. Тука некаде сме со квалитетот и мислам дека доколку сакаме да победиме мораме да одиграме максимално квалитетно. Треба да учиме на грешките и имаме многу простор за напредок. Ако сакаме да славиме мораме да бидеме фокусирани, да играме без емоција. Се надевам дека ќе бидеме комплетни. Доколку има шанса Томислав Јагуриновски ќе биде на располагање, но не сме сигурни“, додаде македонскиот селектор.
Македонија и Аргентина утре се среќаваат од 18 часот во Краков во рамки на 3.коло од групата Ф на ракометниот Мундијал.