Иако само што изваден од печатница – дел од експертската јавност сака во историјата да го испрати учебникот со спорни содржини. Јавноста нотираше само неколку, а од Здружението на историчари најдоа уште повеќе грешки, дезинформации и пропусти во книгата по Историја и општество за петтодделенците.
Во една опсежна анализа ќе ги срочат сите забелешки пред да ги испратат до МОН, а денес го изнесоа првиот впечаток. Прогнозираат непроценлива штета за националниот образовен систем, ако овој учебник веднаш не биде повлечен.
За овој и другите учебници со месеци се чека, откако многу рокови за печатење и дистрибуција беа пробиени.
„Текстовите воопшто не одговараат на клучните методолошки прашања на кои треба да одговори еден наратив, а тоа се: кој, кога, како, што и зошто. Во учебникот не се става акцент на информациите и на нивната точност, туку на современите идеолошки определби. Сметаме дека учебникот е, всушност, директен резултат на избрзано донесената Концепција за основно образование, врз база на која е изработена и новата наставна програмa“ реагираат од ЗИРМ.
Кокино не е градено, ниту пак средниот век започнува во антиката. Историчарите корегираат и дека Марија Кири е добитничка на Нобелови награди, а не Нобелови награди за наука – затоа што такви не ни постојат. Авторките пишале и дека египетскиот календар е лунарен, а тој всушност е – соларен. Ова се само дел од забелешките на Здружението на историчари.
Овој, во најмала рака скандалозен учебник веќе е на маса и содржината се преиспитува од страна на Националната комисија за учебници.
Премиерот Ковачевски побара повнимателни автори и рецензенти да ги креираат учебници, а одговорност од министерот за образование – нема да побара.
„Министер за образование не ги пишува учебниците. Учебници пишуваат автори, а рецензија прават рецензенти. Онаму каде што се појавиле грешки при пишувањето на книгите, а подоцна и при дистрибуирање – тие ќе треба да бидат вратени и да бидат заменети со текстови напишани на научен начин“ изјави Димитар Ковачевски, претседател на Владата на РС Македонија.
Додека се чека експертите од Националната комисија за учебници да се произнесе каде се пропустите и каква ќе биде судбината на четивото за петтодделенците – реагира и министерот за образование и наука.
Во МОН има незадоволство за конкретниот случај, тврди Шаќири и не планира оставка, како што побараа дел од просветарите од него.
„Нека проверат во законот за учебници за основно и средно образование и ако во некоја постапка имало проблем од страна на министерот или кабинетот на министерот, тогаш нека зборуваат за одговорност. За конкретниот случај сме незадоволни, сметам дека секакви грешки се неприфатливи особено знаејќи дека процесот на проверка на еден учебник пред одобрување е сложен“ изјави Јетон Шаќири, министер за образование и наука.
Во меѓувреме, авторките Анита Ангеловска и Гликерија Илиоска се обидоа да се оправдаат со писмо на социјалните мрежи – дека немале прилика да го прегледаат материјалот пред печатење и тврдат дека тој во целост ги задоволува националните стандарди.
Петар Догов