Дури и по четири години имплементација на Законот за високото образование има повеќе фактори кои укажуваат дека се доцни со формирањето на тела кои се важни за спроведување на овој закон. Се оди премногу бавно, додека светот се движи многу брзо напред, велат од НАКС.
„Националниот совет, Одборот за евалуација, одборот за акредитација, еден куп акти, подзаконски акти кои сè уште не се ажурирани, некои дури сега во 2022 се ажурираат, а во овој изминат период сè уште се применувале акти што се поврзани со стариот закон некоја верзија од 2010 година. Сето тоа е недозволиво и понатаму да продолжи во иднина ако сакаме работите да се менуваат на подобро во високото образование за што секако има потреба“, изјавиа професорка докторка Елена Џукеска, претседателка на НАКС.
Секоја несоодветна имплементација на Законот најмногу ги засега и студентите, но и општеството воопшто. Во јавноста постои перцепција дека во оваа економска криза е можеби премногу да се бара платите на академскиот кадар да бидат зголемени, но факт е дека сериозно се заостанува во делот на надоместоците за плати, смета професор Здравева.
„Многу сериозно заостанува зад она што постои во непосредното опкружување. Не правиме муабет за државите од ЕУ, туку за непосредното опкружување Србија, Косово, Црна Гора, Босна каде што просечните плати се барем двојно поголеми од оние што постојат сега“, изјави професорката докторка Неда Здравева од Правниот факултет „Јустинијан Први“.
Во исто време се очекува од истите професори на свои плеќи да ја носат економијата, здравството, културата и образованието, правдата и правосудството, вели Здравева.
Нина Стефанова