Неисплатени 30 плати, придонеси за 5 години и акции, поранешните вработени во АД Медицинска пластика од Тетово, 16 години чакаат да си ги добијат своите права.
Се работи за околу 500 вработени, а дел од нив денес се собраа да ги повторат нивните барања, откако добиле сознанија дека објектот на фабриката ќе се продаде.
- „Секаде сме се обратиле и по приватни адвокати и неколку вработени имаат тужби дека го добиле случајот. Има повеќе од вработените кои сме чекале државата да ни го реши случајот, со мирно со фино како секој вработен и граѓанин. Кога се продава фирма прво се исплаќа долгот на вработените“, вели Верица Ивановска, поранешна работничка во фабриката.
Вработените велат дека никому не е исплатено, иако дел имаат правосилни судски одлуки, а дел потпишале вонсудски спогодби.
- „Немавме долго време земено плата, на моменти ќе земеме, на моменти не. И дојде до ситуација кога не можевме веќе да работиме и не натераа да потпишеме вонсудска спогодба, јас ги имам тие документи, секој потпишал, со обврска дека по три години ќе ни ги врати парите“, Михајло Илиќ, поранешен вработен во фабриката.
Фабриката за производство на медицинска пластика од Тетово, која сега е во стечај, беше единствена од ваков вид во Македонија и пошироко во регионот.
Данијела Билбилоска