Нови тензии на Северот на Косово. По барикадите против апсењето на поранешниот полицаец Дејан Пантиќ, српскиот претседател Вучиќ во обраќање до нацијата изјави дека Белград испраќа барање до КФОР за дозвола за распоредување на српска војска на Косово.
Речиси истовремено, дел од српските медиуми јавија за пукотници кај Јариње и експлозии кај Звечани.
Тензиите пораснаа откако косовски сили со над 400тини припадници го окупираа северниот дел од земјата со мнозинско српско население.
Вучиќ изјави дека Србија го испраќа барањето за распоредување на армијата и полицијата „во согласност со резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации“.
Претседателот на Србија изјави дека во Резолуцијата „недвосмислено се наведува дека ова барање мора да се прифати“, и оти таа „потврдува дека на српската војска и полиција ќе им биде дозволено да се вратат на територијата на Косово за да извршуваат одредени функции“.
Во врска со враќањето на безбедносните сили Вучиќ рече дека не станува збор за можност, туку за обврска на КФОР да го озвоможи тоа.