Вести Македонија

Платформа на граѓански организации за борба против корупцијата: Политичките ветувања, без сериозна заложба, значат само демагогија

На меѓународниот ден за борба против корупцијата, ние, граѓанските организации упатуваме порака дека главен приоритет за нашето општество се демократијата, владеењето на правото и борбата против корупцијата. Политичките ветувања, без сериозна заложба, значат само демагогија која не оди во прилог на подобрување на животот и стандардот на граѓаните. Пропуштеното време не може да се надомести и граѓаните губат верба во државата, поради што се почесто носат одлука својата иднина да ја градат и даноците да ги плаќаат во друга земја.

Годината што изминува ја одбележаа две противречни состојби на полето на борбата против корупцијата: од една страна, високи функционери на власта многупати ја повторија својата заложба за борба против корупција; од друга страна, проблемите се повторуваат во повеќето области што се ранливи на корупција.

Борбата против корупцијата е неразделна од владеењето на правото. За да се искоренува      корупцијата, особено високата корупција, преку која милиони се одлеваат надвор на приватни сметки, потребно е да постои сигурност и предвидливост дека правдата ќе ги стигне корумпираните. Особено оние кои со злоупотреба на власта ги осиромашуваат граѓаните, и ги оставаат без здравство и образование. Последните настани во правосудството, изборот на Јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција и претседател на судски совет, превирањата во советите (Судскиот совет и Советот на јавни обвинители) ја урниса перцепцијата за непристрасноста и ја намалија довербата во подобрување на квалитетот на правдата.

Истовремено, институциите се неодлучни, не реагираат или не постапуваат за справување со корупцијата. Граѓаните веќе подолго време ја чекаат реформата на именувањето на функционери и вработувањето на администрацијата по принцип на заслуги. Меѓутоа, наместо ваквата политика да биде приоритет за институциите на кои и се потребни најдобрите кадри, реформата е заглавена поради партиските интереси и коалиционите договарања.

Во период на продолжени ефекти од пандемијата, како и вкрстување на енергетската и економската криза, очекувавме државата да го подобри трошењето на јавните пари и преку тоа ќе овозможи индиректен поттик за економијата. Меѓутоа, продолжува трендот на јавни набавки со посакувани победници, ниска конкуренција и слаб учинок на контролата на изведбата и доставувањето стоки, работи и услуги. Високиот „данок“ на корупцијата предизвикува домашниот бизнис да не се развива или, пак, квалитетниот капитал од странство да не сака да инвестира во      земјата. Младите не престануваат да ја напуштаат државата.

Цената на долгорочната корупција најмногу ја плаќаат граѓаните што поради тоа и понатаму остануваат без квалитетни здравствени услуги, образование, енергетска сигурност,  здрава животна средина и доверба во својата држава.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Милановиќ: Ниту една земја повеќе нема да влезе во ЕУ, освен можеби само Црна Гора

Дејан Дејан

Сојузниците во НАТО треба да издвојат пет отсто од БДП за одбрана – Рубио на средбата со Муцунски во Вашингтон

Дејан Дејан

Нема логика да се чека за носење на измените на Изборниот законик, смета Калеска-Ванчева

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе