Дали некој судија или обвинител положил првосуден испит без соодветна диплома. Антикорупциска ја проширува истрагата ќе ги проверува сите судии и обвинители што завршиле на академијата. Просветниот инспекторат ќе проверува дали и другите факултети издавале проблематични уверенија како она што го добил Барлет Џафери и со него аплицирал за полагање правосуден испит.
Дали тие што истражуваат криминал и делат правда дошле до своите позиции со заобиколување на законите? – Антикорупциска ќе ги проверува досиејата на сите судии и обвинители што завршле Aкадемија од нејзиното формирање. Ќе се бара дали и други кандидати стасале до таму со предвреме положен испит како Барлет Џафери.
„Ќе провериме каква документација поднеле, дали предвреме полагале правосуден испит. Од друга страна сакаме да провериме што се случувало на сите универзитети, дали и какви уверенија давале. Ако утврдиме дека сегашни судии и јавни обвинители полагале пред време а сега делат правда тогаш ова ќе треба да се решава на друго ниво. Ова е всушност на некој начин проверка или ветинг”, вели Биљана Ивановска, претседателка на ДКСК.
По откриените 449 уверенија на Универзитетот за Југоисточна европа, Антикорупционерите побарале од Просветниот инспекторат да провери дали и другите Универзитети во периодот од 2008 до 2012 година издавале уверенија за завршени три години по Болоњскиот систем во кои стоеле и 180 кредити, но и степен 7/1 што одговара за четири години.
Екс министерот за правда Јашари во „Топ тема“ на Телма тврдеше дека во тој период сите приватни и државни факултети издавале такви уверенија, затоа што законот за високо образование до 2010 немал одредби за висообразовните квалификации. Јашари тврдеше и дека младиот Џафери документите ги поднел два месеца пред тој да стане министер за правда, иако ни антикорупциска нема таков податок
Министерот Никола Тупанчески ќе му го поништи уверението за положен испит на Барлет Џафери, доколку во судска постапка се докажат злоупотреби и прекршување на законот. Вака за Телма одговорија од министерството за правда, откако вчера посочивме дека законот за општа управна постапка во член 124 потенцира дека за ништовен се огласува оној управен акт кој со своето извршување би можел да предизвика некое криивчно дело.
„Доколку надлежните органи утврдат какви било евентуални злоупотреби околу полагањето на правосуден испит на лицето Барлет Џафери, Министерството за правда ќе постапи согласно донесената судска одлука“, нагласуваат од Министерството за правда.
Предвременото полагање било многу честа појава до 2019 година, кога министерката Рената Тренеска Дескоска го смени законот и во него децидно пишува дека е забрането предвреме полагање на правосуден испит.
Елена Ивановска Мукоска