Многу инструменти, епрувети, компјутерски машини и апарати. Цела лабораторија и само една тегла полна со земја. Сѐ ова е потребно за да се анализира што има во почвата и какви хемиски соединенија тлееле онаму од каде што е црпен примерокот.
Хемичарите вака ќе трагаат по одговорите за присуството на штетни хемикалии и во почвата кај драчевска Пеленица, која била погодна за депонирање линдан од некогашниот индустриски гигант „ОХИС“.
Првата фаза од процесот е завршена – да се изврши мапирање и да се види каде, колку и што е исфрлано.
„Во следната фаза ќе се прават поточни анализи, особено на подземните води, затоа што како што знаете – тоа е како една тумба, а не брдо. Таму се слива водата и оди во нивите и добро е да се изврши анализа на подземните води, за да се види влијанието од оваа депонија којашто била тука“ изјави доктор Зоран Здравковски, редовен професор (во пензија) на Институтот за хемија.
Две лаборатории на Институтот за хемија се клучни за целиот процес. Во едната се врши екстракција на примероците. Целиот примерок се сведува на само неколку капки во епрувета, кои потоа одат на анализи во соседна лабораторија.
„Со инструментите во лабораторијата за хроматографски анализи при Инситутот за хемија, се анализираат примероците коишто се земаат од почва и од воздух и се продолжува со нивно понатамошно проучување.“
Во седумдесеттите години на минатиот век, со камиони и најчесто некоординирано се истурал токсичен отпад во дупката каде што сега на површина освен линдан излегуваат и стаклена волна и големи парчиња грутки од стакло.
Очекувањата на професорот Здравковски се дека анализите ќе дадат многу одговори.
„Мислам дека сигурно ќе се покаже дека има влијание на околината, затоа што дефинитивно таму има од овој отпад. Јас со мала резерва ќе зборувам за здравствените ефекти на хексахлороциклохексаните. Сите зборуваат за линданот, но јас мислам дека линданот најмалку го има таму затоа што кога „ОХИС“ го произведувал, добивани се неколку изомери, а линданот бил од интерес и тој бил издвоен од останатата смеса. Сега се останати всушност изомерите на линдан во овие места“ вели д-р. Здравковски од Институтот за хемија.
Од Канцеларијата за неразградливи органски загадувачи во Министерството за животна средина информираат дека најверојатно пред Нова година ќе ги имаат резултатите од анализите на почвата и воздухот кај драчевска Пеленица.
Потоа ќе се размислува за тоа која опција е најпаметна и колку ќе чини да се врати просторот во природна состојба.
Дали ќе може да се уништи отпадот во странство, зависи од тоа дали акцелераторите ќе можат да делуваат на таков измешан отпад затоа што овде, со децении, се исфрлал секаков отпад, а не само линдан.
Петар Догов