Натрупани контејнери, остатоци од сѐ и сешто, нехигиена. Ова го трпи скопскиот асфалт, а често се гледа по улиците и јавните површини.
Луѓето вината ја наоѓаат во комуналните служби, а тие пак голем дел за тоа припишуваат на човечката свест и совест.
Директорката на скопското јавно претпријатие „Комунална хигиена“ ги отфрла критиките на дел од јавноста дека Скопје одамна не било повалкано. Самата лоцираше дел од проблемите.
„Мислам дека секогаш може да биде подобро. Нашите екипи се 24 часа во текот на седум дена во неделата постојано на терен. Работиме во три смени. Во последниот период имаме максимална урбанизација на градот Скопје, се градат многу згради. За таа намена поставуваме голем број на садови за одложување отпад. Јас би замолила освен „Комунална хигиена“ и граѓаните доколку можат таквиот тип на отпад како што е градежен шут или кабаст отпад, да го одлагаат на вистинско место“ изјави Косана Мазнева-Николиќ, директор на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје.
Диви депонии се „добредојде“ на повеќе влезови на Скопје и од кај Сарај и од Визбегово.
Директорката вети справување со истите, но испорача и свои барања.
Македонија „каска“ зад земјите од регионот и нашите инспектори сѐ уште не смеат да казнуваат, туку само да нотираат.
„Во голем број на земји во регионот коишто се во нашето најблиско соседство постои нешто како комунална полиција. И тоа е регулирано согласно со закон. Ние со нашите служби во претпријатието постојано разговараме на оваа тема и искрено да ви кажам, верувајте дека ќе преземеме иницијатива којашто ќе ја упатиме до Град Скопје за да може нешто да се стори во овој дел“ е ставот на Косана Мазнева-Николиќ, директорка на „Комунална хигиена“.
Од претпријатието известија и дека пред неколку дена им завршил работниот ангажман на околу осумдесет лица привремено вработени, а најголемиот дел се од администрацијата на „Комунална хигиена“.
Петар Догов