Проруските власти прогласија победа на референдумското изјаснување што го организираше Москва во четирите региони во источна и јужна Украина јавувајќи за огромна излезност и за над 90 отсто поддршка за присоединување кон Русија.
Сепаратистите го забрзаа процесот по успешната контраофанзива која ја започнаа украинските сили за ослободување на овие региони од руска окупација. Иако процедурите предвидуваат прашањето за референдум да биде дефинирано 60 дена пред одржувањето на референдумското изјаснување, организирањето и гласањето се заврши за нецели две недели.
- Излезноста е огромна. Бројот на луѓе кои гласаат за приклучување на Народна Република Луганск кон Русија е огромен. Се разбира, тоа беше очекуван резултат- Леонид Пасечник, проруски раководител на регионот Луганск.
Западот жестоко реагираше на спроведувањето на овој илегален референдум, кој го оцени како дел од планот на Путин за анексија на окупиураните региони во Украина, голем број земји најавија нови санкции, а Британија воведе 99 нови мерки против блиски луѓе на рускиот претседател Владимир Путин. Украинските власти тврдат дека оние што гласале го сториле тоа под присила и без избор.
- Овие лажни референдуми ги гледаме на оние територии што Русија сака да ги проголта и знаеме дека мобилизацијата во Русија беше најавена во пресрет на оваа нова криминална анексија не случајно. Целта е очигледна – окупаторот сака да ги земе жителите на окупираната територија во војска. Или те убиваат, или убиваш – Русија сака да натера стотици илјади Украинци во окупираните земји да направат таков избор, вели Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Жозеп Борел, процесот диригиран од Кремљ го нарече кршење на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, во услови на систематско прекршување на човековите права.
Законите за анексија се очекуваат брзо да бидат заверени од двата дома на рускиот парламентот пред да му бидат предадени на Путин на потпишување кое се очекува да се случи на 4 октомври.
Александар Петрески